Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 18 јуни
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 18.06.2026 - 18:00

Во денешниот времеплов го одбележуваме денот кога  првата американка полета кон вселената и денот кога била претставена првата LP плоча

18.6.1983 – Првата американка полета кон вселената

Првата американка и воопшто третата жена којашто ќе патува до вселената и назад, Сели Рајд, беше дел од четиричлениот екипаж на спејс-шатлот Челинџер за време на вселенската мисија STS-7. Во времето на оваа мисија Рајд била на возраст од 32 години, со што ќе стане и дотогаш најмладиот американски астронаут што патувал во вселената.

Групна фотографија на астронаутите од мисијата СТС-7

Примарна цел на мисијата беше лансирање на 2 комуникациски сателити, употреба на придружниот сателитски палет на спејс-шатлот (SPAS-1), спроведување низа експерименти во товарниот оддел од шатлот, и тестирање на TDRS сателитот.

При лансирањето на спејс-шатлот во вселената, првата американка во вселената добила голема поддршка. Голем дел од луѓето кои присуствувале на лансирањето носеле маички на коишто биле испишани стиховите “Ride, Sally Ride” од песната “Мустанг Сeли” на Вил Пикет. (Н. С.)

 

18.6.1948 – Претставена првата LP плоча

Истражувањата коишто доведоа до LP (Long Play) плочата каква што денес ја познаваме започнале во 1939 година, биле прекинати за време на Втората светска војна, за потоа да продолжат во 1945 година и конечно да бидат крунисани со успех во 1948 година.

Правење на тонски запис на ЛП плоча

Колумбија Рекордс го претстави LP на прес-конференција во хотелот Валдорф Асторија на 18 јуни 1948 година, во два формати: со дијаметар од 10 инчи (25 сантиметри) и со дијаметар од 12 инчи (30 сантиметри), коишто се репродуцирале со брзина од 33,33 вртежи во минута. Дотогашните плочи биле со пречник од 12 инчи и 78 вртежи во минута и 7 инчи со 45 вртежи во минута, па на нив на една страна можело да собере само снимка од 3-5 минути. Колумбија Рекордс употребила поквалитетен материјал (винил хлорид ацетат, скратено винил, пронајден од Peter Goldmak од CBS Laboratories), технологија за режење на микробразда од само 0,003 инчи (0,076 mm) и нова лесна грамофонска глава со микро игла, па така е добиен повисок квалитет на звукот и траење на снимката од околу 20-25 минути на секоја страна. 
Првично биле издадени 133 плочи со овој формат и тоа 85 плочи со пречник од 12-инчи и снимки од класична музика, 26 плочи со пречник од 10-инчи исто со класична музика, осумнаесет популарни песни на плочи од 10 инчи и четири 10-инчни плочи со детски песни. Според каталогот на Колумбија Рекордс за 1949 година, издаден во септември 1948 година, првиот 12-инчен LP содржи запис од “Концерт на Менделсон во E-minor со Натан Милштајн како солист на виолина заедно со Њујоршката филхармонија под диригентската палка на Бруно Валтер.

Биле објавени три серии од 10-инчни LP-а – со популарна музика, со реобјава на “Гласот на Френк Синатра“; со класична музика, во која е вклучено и издание на 8-та Бетовенова симфонија; и серијал со музика за деца. LP форматот набрзо станува многу популарен поради можноста на една плоча да се снимат 10-12 песни (40-50 минути) со што при крајот на 1950-тите започнува т.н. албумска ера во популарната музика која трае и денес. (Н. С.)

Клучни зборови:
Сели Рајд

Сели Рајд

Групна фотографија на астронаутите од мисијата СТС-7

Групна фотографија на астронаутите од мисијата СТС-7

Промотивниот плакат за првите ЛП плочи од Колумбија Рекордс

Промотивниот плакат за првите ЛП плочи од Колумбија Рекордс

Правење на тонски запис на ЛП плоча

Правење на тонски запис на ЛП плоча