Губењето заби со векови се смета за неповратен процес. Откако еднаш природниот заб ќе исчезне, достапни решенија се протезите, мостовите или имплантите. Но, јапонските научници сега работат на нешто што до неодамна звучеше како научна фантастика – лек што би можел да му овозможи на човечкото тело самостојно да израсне нов заб.
Истражувачки тим од Јапонија веќе спроведува клинички испитувања на третман кој има цел да ги активира скриените биолошки механизми за создавање заби. Доколку се покаже безбеден и ефикасен, лекот би можел да стане достапен во текот на следната деценија и да отвори сосема ново поглавје во стоматологијата.
На прв поглед, идејата звучи неверојатно. Сепак, таа се темели на интересен факт од човечкиот развој. Во текот на животот, повеќето луѓе природно добиваат два комплета заби – млечни и трајни. Но научниците сметаат дека во вилицата постојат и зачатoци на потенцијален „трет сет“ заби, кои вообичаено никогаш не се развиваат.

Ласица која првично имала шест предни заби сега има седми преден заб (во средината) откако ѝ бил даден лек за раст на заби. (Фото: Кацу Такахаши)
Клучната улога во новиот третман ја има протеин наречен USAG-1. Имено, пред некоја година, во реномираниот Science Advances тимот објави труд каде укажуваа дека блокирањето на протеинот USAG-1 може да поттикне раст на нови заби кај животински модели. Истражувањата покажале дека овој протеин учествува во регулирањето и ограничувањето на развојот на забите. Наместо да создава нови клетки или да вградува вештачки материјали, експерименталниот лек има задача привремено да го блокира дејството на USAG-1 и на тој начин да ги „разбуди“ заспаните забни зачатoци.

Првите резултати биле добиени кај лабораториски глувци. По блокирањето на протеинот, кај животните почнале да растат дополнителни заби. Подоцнежните тестирања на творови – животни чиј забен развој е поблизок до човечкиот – дале слични резултати, што им дало доволно охрабрување на истражувачите да преминат кон испитувања кај луѓе.
Во почетната фаза, лекот е наменет за лица со вродена агенезија на заби – ретко нарушување поради кое не се развиваат дел или сите трајни заби. Иако оваа состојба ги погодува релативно мал број луѓе, токму тие би можеле први да имаат корист од новата терапија.
Но, научниците гледаат многу подалеку од оваа група пациенти. Доколку третманот се покаже успешен, во иднина би можел да се користи и кај луѓе кои изгубиле заби поради повреди, кариес, заболувања на непцата или едноставно поради стареење.
„Одгледувањето нови заби отсекогаш било сон на стоматолозите“, изјавил водечкиот истражувач д-р Кацу Такахаши. По децении во кои стоматологијата главно се потпираше на вештачки замени, ова е прв обид природниот механизам за создавање заби повторно да се активира со помош на лек.
Сепак, и покрај големите очекувања, научниците предупредуваат дека е потребна претпазливост. Пред третманот да стане широко достапен, ќе бидат потребни дополнителни клинички испитувања за да се потврди неговата безбедност и ефикасност. Aко резултатите ги оправдаат надежите, идните генерации можеби нема да мора да избираат меѓу протеза и имплант. Наместо тоа, изгубениот заб би можел едноставно повторно да израсне.