Долго време електронските цигари (вејпови) беа рекламирани како совршен „појас за спасување“ за оние кои сакаат да ги остават традиционалните цигари. И додека тие навистина помагаат да се фрли кутијата со тутун, најновата масовна научна студија носи сериозно предупредување: замената на чадот со пареа можеби и не е толку безопасна колку што мислевме.
Едно ново истражување објавено во Nature Medicine, кое опфатило импресивна бројка на податоци од 4,5 милиони луѓе, открива загрижувачка врска. Поранешните пушачи кои преминале на електронски цигари имаат за 56% поголем ризик да починат од рак на белите дробови во споредба со оние кои целосно ги откажале и двата порока.

Тимот научници предводен од д-р Јеон Вук Ким од Националниот универзитет во Сеул, Јужна Кореја, следел повеќе од 4,5 милиони возрасни лица во периодот од 2018 до 2023 година. Учесниците биле поделени на активни пушачи, краткорочни и долгорочни апстиненти. Во овој петгодишен прозорец, биле забележани речиси 36 000 случаи на рак на белите дробови.
Кога истражувачите ги вкрстиле податоците со употребата на електронски цигари, резултатот бил јасен – оние кои продолжиле да „вејпуваат“ по откажувањето од тутунот, имале значително поголеми шанси за фатален исход од оваа подмолна болест.
„Студијата само го надополнува брзорастечкиот број на докази дека електронските цигари апсолутно не се толку нискоризични како што првично се тврдеше“, нагласува Беки Фримен од Универзитетот во Сиднеј, која не била вклучена во истражувањето.
Иако електронските цигари немаат катран, нивната пареа содржи хемикалии кои науката веќе ги поврзува со оштетување на ДНК структурата во клетките, оксидативен стрес (дисбаланс што ги уништува здравите клетки) и епигенетски промени и хронични воспаленија на респираторното ткиво.
Сепак, д-р Ким и неговиот тим потенцираат дека студијата е набљудувачка. Ова значи дека иако таа укажува кон силна поврзаност, сепак не може децидно да докаже дека самиот вејпинг е директен предизвикувач на ракот, поради што се потребни дополнителни долгорочни истражувања и надвор од Јужна Кореја.
Како и да е, научниците се сложни во една работа, вејпингот е подобра опција од продолжувањето со пушење, но е полоша опција од целосното чисти бели дробови.
Имено, податоците покажуваат дека ризикот од смрт од која било причина е сè уште значително помал кај вејперите отколку кај активните пушачи. Со други зборови, е-цигарите остануваат корисна алатка за намалување на штетата ако апсолутно не можете да ги оставите цигарите на друг начин.
Сепак, пораката на експертите до јавноста е кристално јасна. Ако веќе сте успеале да ги победите традиционалните цигари, крајната цел треба да биде и целосно исфрлање на е-цигарите. Само така на своето тело ќе му ја дадете вистинската шанса за целосно закрепнување.