Европската вселенска агенција (ESA) донесе одлука која ги израдува астрономите ширум светот – вселенскиот телескоп CHEOPS (Characterising Exoplanet Satellite), ја продолжува својата мисија до крајот на 2029 година. Ова ново продолжување е директен резултат на неговите извонредни научни достигнувања кои ги надминаа сите очекувања.
Телескопот, кој е изграден на Универзитетот во Берн, а чиј научен центар се наоѓа на Универзитетот во Женева, претставува заедничка гордост на ESA и Швајцарија. Од неговото лансирање во декември 2019 година, овој „ловец на планети“ неуморно ги истражува световите надвор од нашиот Сончев систем, познати како егзопланети.
Д-р Кристофер Брог, главниот истражувач на мисијата CHEOPS и директор на конзорциумот CHEOPS при центарот за вселенски истражувања Center for Space and Habitability (CSH) на Универзитетот во Берн, објаснува дека “прецизноста на CHEOPS ги надмина сите очекувања, вселенскиот телескоп стана клучен инструмент во арсеналот за истражување на егзопланиетите за астрономите во Европа и во светот”, појасннувајќи дека CHEOPS успешно “го премостува јазот” помеѓу помеѓу постарите мисии (како Kepler и TESS) и напредните телескопи од новата генерација, како што се моќниот James Webb (JWST) и идниот вселенски телескоп Ariel.

На 18 декември 2019 година, CHEOPS беше лансиран од европскиот космодром во Куру, Француска Гвајана. © ESA - S. Corvaja
„Сега пред нас се уште три и пол години исполнети со врвна наука и фасцинантни откритија“, дополнува д-р Андреа Фортие, менаџер на мисијата.
Во изминатите години, CHEOPS донесе револуционерни сознанија благодарение на меѓународниот тим предводен од проф. Давид Еренрајх. Едно од највпечатливите откритија е планетата околу ѕвездата LHS 1903, чиј распоред целосно ги предизвика досегашните теории за тоа како се формираат и подредуваат планетарните системи.
Уште поневеројатно е откритието поврзано со егзопланетата WASP-103b. Иако претходно била набљудувана од легендарниот Hubble, дури со ултра-прецизните мерења на CHEOPS научниците забележале нешто зачудувачки. Поради екстремно силните гравитациски сили од нејзината матична ѕвезда, планетата буквално се распаѓа и наместо сфера, има форма на рагби топка.
Успехот на CHEOPS лежи и во неговата соработка со други вселенски мисии. Тој работи во совршен тандем со James Webb: CHEOPS прецизно ја одредува големината, орбитата и внатрешната структура на планетите, а потоа му ги препушта „најинтересните мети“ на JWST за тој да ги анализира нивните атмосфери преку спектроскопија.

CHEOPS е првата мисија на за истражување на егзопланети на ЕСА © ESA / ATG medialab
Продолжувањето на мисијата ќе овозможи CHEOPS да се користи и како иновативна вселенска лабораторија. Научниците планираат да тестираат нови техники, како што е потрагата по егзомесечини (месечини околу планети надвор од Сончевиот систем) и подетално испитување на внатрешниот состав на далечните светови.
Оваа мисија не е само научен триумф, туку и технолошки двигател. Преку блиската соработка меѓу универзитетите и индустријата, развиените софтвери и технологии за CHEOPS веќе наоѓаат примена и во други сектори надвор од астрономијата.
Со продолжувањето до 2029 година, CHEOPS дефинитивно го зацементира статусот на Швајцарија и Европа како лидери во новата ера на астрономијата – ера во која веќе не само што ги откриваме новите светови, туку и детално ги запознаваме.