Рубрика: Медицина
Нова инјекција против дијабетес ефикасно ги топи килограмите и го регулира шеќерот
Објавено на 11.06.2026 - 15:00

Можеби сме на прагот на нова голема револуција во борбата против дијабетесот од тип 2 и дебелината. Научниците открија нов лек со т.н. „тројна акција“ кој не само што драстично го намалува шеќерот во крвта, туку и буквално го тера телото да троши повеќе енергија. Станува збор за лекот ретатрутид (Retatrutide), кој во последната трета фаза од клиничките испитувања покажа резултати кои ги надминуваат досегашните медицински стандарди.

Досега веројатно сте слушнале за популарните лекови како Ozempic и Wegovy, кои го имитираат хормонот GLP-1 за да го намалат апетитот. Можеби ви е познат и Mounjaro, кој таргетира два хормони (GLP-1 и GIP). Но, ретатрутидот оди чекор понатаму – тој е троен агонист.

Имено, покрај тоа што го контролира апетитот и шеќерот, овој лек го активира и третиот хормон – глукагон. Оваа комбинација прави нешто уникатно: директно го поттикнува телото да го забрза метаболизмот и да ја зголеми потрошувачката на енергија. Едноставно кажано, додека другите лекови само ви кажуваат „јади помалку“, овој лек му вели на телото и „троши повеќе“.

Во истражувањето чии резултати се објавени во престижното списание The Lancet, биле вклучени 930 возрасни лица со дијабетес тип 2, кои претходно не земале терапија, а имале покачен шеќер и индекс на телесна маса (БМИ) над 23. Учесниците примале различни дози на ретатрутид или плацебо еднаш неделно во текот на 40 недели.

Резултатите беа повеќе од очигледни. Пациентите на ретатрутид изгубиле во просек помеѓу 11,5% и 15,3% од својата телесна тежина (за разлика од едвај 2,6% кај плацебо групата) – што е дури четири пати подобар резултат. Просечниот шеќер во крвта (HbA1c) опаднал за 1,7 до 1,9 процентни поени, што е двојно повеќе од плацебо групата.

Покрај ова кај пациентите биле забележани и значителни подобрувања во нивото на холестерол и регулацијата на крвниот притисок.

Што се однесува до несаканите ефекти, освен кај 14 учесници (од кои двајца од плацебо групата), тие воглавно биле благи до умерени (најчесто мачнини и дигестивни проблеми) и се намалувале со текот на времето.

За многу луѓе кои живеат со дијабетес и дебелина, третманите како овој можат навистина да им го сменат животот“, вели д-р Кет МекКалоу од Кралскиот колеџ за лекари во Велика Британија.

Иако медицинската јавност е возбудена, експертите повикуваат на умерен оптимизам и дополнителни истражувања.

Д-р Мари Спрекли од Универзитетот во Кембриџ посочува дека, иако губењето на тежината е впечатливо, лекот допрва треба директно да се спореди со веќе постоечките терапии (како семаглутид) за да се потврди дали е супериорен во пракса. Таа додава дека килограмите не се сè – на пациентите им е потребна поддршка за да ја зачуваат мускулната маса и да ја задржат правилната исхрана.

Исто така, лекарите потсетуваат дека лековите не се трајно решение за проблемот. Долгорочната цел на општеството мора да биде превенцијата и здравиот начин на живот, со цел луѓето воопшто да немаат потреба од вакви терапии.

Сепак, за оние кои се борат со тешки форми на дијабетес тип 2 и на кои им е потребна поинтензивна терапија, ретатрутидот на производителот Eli Lilly нуди светла нова надеж на хоризонтот. Клиничките испитувања продолжуваат, а светот со нетрпение ги очекува следните чекори кон негова официјална примена.

 

Извор The Guardian

Клучни зборови: