Секоја пролет, очите на спортската јавност се свртени кон Париз. Црвената прашина на земјените терени, бескрајните размени на удари, емоциите и престижниот трофеј на 'Мускетарите' се синоним за еден од четирите најголеми тениски турнири во светот – Ролан Гарос. Ако запрашате просечен минувач кој бил човекот чие име го носи овој храм на тенисот, сосема извесно ќе добиете одговор дека веројатно станува збор за некој легендарен француски тениски шампион од минатото. Но, вистината е многу поапсурдна и пофасцинантна...
Ролан Гарос никогаш во својот живот не одиграл професионален тениски меч, неговото срце им припаѓало на моторите, а својата бесмртност ја заработил високо на небото, како пионер на авијацијата и воен херој. Од каде тогаш неговото име се најде на еден престижен тениски терен и турнир?
Предизвикување на гравитацијата и законите на физиката
Роден во 1888 година на егзотичниот остров Реунион во Индискиот Океан, Ежен Адриен Ролан Жорж Гарос уште од млад покажал страст кон спортот, но пред сè кон брзината и механиката. Наместо со тениски рекет, тој бил фасциниран од „чудните птици“ направени од дрво и платно кои штотуку почнале да го освојуваат небото. Во 1910 година ја добил својата пилотска дозвола, а веќе во 1911 година поставил светски висински рекорд, достигнувајќи неверојатни 3950 метри со својот моноплан.

Ролан Гарос пред авион од типот Santos-Dumont Demoiselle фото: Википедија/прес агенција Мерис/Национална библиотека на Франција
Неговиот најголем пионерски триумф се случил во септември 1913 година. Гарос станал првиот човек во историјата кој со непрекинат лет успеал да го прелета Средоземното Море. Тој полетал од Фрежи на југот на Франција и по речиси осум часа лет поминати во прилично примитивно летало, слетал во Бизерта, Тунис. Легендата вели дека кога неговите тркала го допреле тлото, во резервоарот му останале едвај пет литри гориво. Преку ноќ, Гарос станал национален херој и симбол на француската храброст и технолошкиот прогрес.
Инженерскиот гениј на военото небо
Кога избувнала Првата светска војна, Гарос веднаш се пријавил во француската војска. Во тоа време, воените авиони главно се користеле за извидување, а пилотите буквално си мавтале или пукале едни кон други со обични револвери. Гарос сакал да го промени тоа.
Заедно со инженерот Рејмонд Солније, тој работел на револуционерен концепт: како да се монтира митралез кој ќе пука директно напред, низ ротирачките перки на пропелерот, без да го уништи самиот авион. Иако подоцна Германците (преку Ентони Фокер) развиле механички синхронизатор, Гарос и Солније примениле поедноставно, генијално решение. Тие поставиле челични клинови (дефлектори) во форма на триаголник на самите лопатки на пропелерот. Кога куршумот ќе удрел во перката, челичниот клин го одбивал настрана, штитејќи го дрвото.

.jpg)
Лево: Пропелерот на Гарос, со вградени дефлектори за куршуми, најден во остатоците од неговиот авион фото: Википедија/непознат авторч Десно: Моторот и митралезите од последниот авион на Гарос, изложени во Musée de l'air et de l'espace во Париз фото: Википедија/Алан Вилсон
Со вака модифициран авион, Гарос станал првиот вистински борбен пилот во историјата, соборувајќи три непријателски авиони за само две недели во април 1915 година. Меѓутоа, неговата среќа згаснала кога бил принуден да слета зад непријателските линии поради дефект. Германците го заробиле и ја копирале неговата технологија. По три години поминати во заробеништво, Гарос успеал филмски да побегне преоблечен како германски офицер. Иако со нарушено здравје и ослабен вид, тој веднаш се вратил на фронтот. За жал, загинал во воздушна битка на 5 октомври 1918 година, само еден ден пред неговиот 30-ти роденден и еден месец пред крајот на војната.
Ветување што го промени спортот
За време на своите студентски денови во елитното бизнис училиште HEC Paris, Гарос бил близок пријател со Емил Лезије. Обајцата биле страствени спортисти. Сепак, Гарос повеќе сакал рагби и фудбал, па дури и велосипедизам (бил велосипедски првак на Франција во 1906 година) отколку тенис.
Во 1927 година, францускиот тенис доживеал незамислив бум. Четирите „Мускетари“ (Рене Лакост, Жан Боротра, Анри Коше и Жак Брињон) направиле сензација и го освоиле престижниот Дејвис Куп среде САД. За реваншот во 1928 година, Франција морала да изгради нов, модерен стадион за само девет месеци.
Емил Лезије во тоа време бил претседател на спортскиот клуб Stade Français, кој го отстапил земјиштето за изградба на новиот тениски комплекс во близина на Порт д'Отеј (Porte d’Auteuil). Лезије прифатил да го даде земјиштето на Тениската федерација под само еден, ултимативен услов: новиот стадион мора да го носи името на неговиот сакан пријател и воен херој кој загинал пред десет години.

Статуа на Ролан Гарос од Етјен Форестје во Барашоа, во Сен-Дени де Ла Реунион фото: Тијери Каро
Така, во мај 1928 година е отворен Стадионот Ролан Гарос. Низ децениите, името на стадионот стана синоним за самиот турнир. Денес, додека модерните гладијатори со рекет во рака се борат до исцрпеност на париската црвена земја, тие всушност настапуваат под името на човекот кој никогаш не го разбрал тенисот, но совршено ја разбирал храброста, иновацијата и летот кон вечноста.