Минатата година, двајца професори од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Западен Мичиген објавија во списанието Bioethics рецензиран труд којшто поттикна лавина од дебати и теории на заговор во јавноста.
Во трудот насловен како “Корисно цицање крв” (Beneficial Bloodsucking), авторите изнесуваат теза дека намерното ширење на синдромот Алфа-гал (состојба предизвикана од каснување на крлеж, која развива тешка алергија на црвено месо) би можело да се смета за „морално оправдано“.

Основата на нивниот аргумент е од филозофска природа. Имено, авторите тврдат дека со оглед на тоа што јадењето месо е морално погрешно, условувањето на алергија на месо би можело да се смета за “морален био-подобрувач” којшто би им помогнал на луѓето е да се придржуваат до етичките навики во исхраната.
Публикација предизвика остри реакции и поттикна бран од теории на заговор на социјалните мрежи TikTok и X, па официјалните лица од факултетот и независни етичари брзо појаснија дека трудот претставува исклучиво хипотетичка филозофска вежба – своевиден мисловен експеримент, а не клинички план за работа или предлог-политика за дејствување.
Покрај тоа, медицинската реалност ги демантира стравувањата во јавноста со уште еден факт: технологијата потребна за биоинженеринг на крлежите за овие намерно да можат да го рашират синдромот Алфа-гал во моментов воопшто не постои.
Официјалните претставници на јавното здравство нагласуваат дека реалното ширење на крлежот Осамена ѕвезда (Lone Star) и последователниот пораст на случаите на алергија, пред сè во Соединетите Американски Држави, се резултат на климатските промени и нарушувањето на природните живеалишта на инсектот, а не на лабораториска интервенција. Имено, потоплите зими им овозможуваат на популациите на крлежи да напредуваат и да се шират во нови региони. Додека истражувачите продолжуваат да го проучуваат еколошкото влијание на болестите пренесени од крлежи, контроверзниот концепт за инженерско “корисно цицање крв” останува строго ограничен во доменот на теоретската филозофија.