Рубрика: Омнибус
Предавање од проф. Д'Алмеида на тема дезинформациИ
Објавено на 26.05.2026 - 03:00

Минатата недела во Europe House во Скопје имавме чест да присуствуваме на предавањето „(Дез)информации: историјат и предизвици“ во организација на Францускиот институт и Интернационалниот универзитетот за аудиовизуелни уметности Еуропа Прима.

Предавач беше Фабрис Д’Алмеида, историчар на медиумите и професор на Универзитетот Париз II Пантеон-Асас, а модератор беше директорот на Институтот, Грегоар Жислер.

Настанот го отвори амбасадорот на Франција, Н. Е. Кристоф Ле Риголер, кој во оваа прилика кажа “Веруваме во слободата на изразување, но факт е дека секогаш е тешко да се најде тој јасен пат помеѓу слобода на изразување и борба против дезинформација.” Неговата изјава ја отвори темата за кревкоста на демократските општества пред манипулација со информацијата.

Д’Алмеида зборуваше за потеклото на дезинформациите и нивната трансформација во дигиталната ера, поврзувајќи ја приказната за информациите со пропагандата и манипулацијата, носејќи нè на патешествие низ историјта од времето на древна Елада и Троја, преку првите записи за пропагандни дезинформации, низ (дез)информативната пропаганда од времето на Студената војна, па до дезинформациите пласирани низ социјалните мрежи и оние потпомогнати од вештачка интелигенција и појавата на терминот фејк њуз.

Еднаш кога дезинформацијата е пласирана во јавноста, може веднаш да прерасне во несвесно ширење на неточната информација,“ предупреди тој, нагласувајќи дека секој од нас може да стане нејзин гласник. Со тоа ја отвори дилемата за одговорноста на поединецот и медиумите во современиот информациски екосистем.

Историчарот посочи дека брзото темпо на живеење и социјалните мрежи создаваат ризик за веродостојноста на објавеното. „Кога сте на социјалните мрежи сакате брзо да реагирате, сакате да учествувате и на некој начин ве повлекува сето тоа. Затоа едно добро читање, едно добро познавање на информацијата овозможува да се ограничи првиот импулс,“ рече Д’Алмеида, повикувајќи на критичко читање и проверка на фактите.

Во својата анализа тој направи споредба со европскиот модел на медиуми, којшто традиционално се стремел кон објективност и балансирано известување. Но, денес, како што забележа, „се повеќе медиуми имаат тендеција да се трансформираат како медиуми на мислење, да бидат во служба на политички ангажман. Тенденцијата би требало да биде да ја сочувате позицијата на балансиран и неутрален медиум.“ Со оваа констатација ја нагласи опасноста од губење на довербата во медиумскиот простор.

Особено интересен беше одговорот којшто го добивме во врска со нашето прашање на тема теории на заговор како посебна форма на дезинформации. Запрашавме кое е неговото мислење за теориите на заговор – дали нивната појава се должи на падот на образованието и падот на развојот за критичко размислување, како и што може да се направи за да се сузбие оваа појава.

Д’Алмеида трпеливо ни одговори, протнувајќи и нишки од лични искуства и меѓу другото кажа дека смета дека ”Повеќето од луѓето кои веруваат во теориите на заговор се покритички настроени од другите, а проблемот што го имаме е тоа што критичкото размислување денес веќе не е критичко размислување туку тоа се претворa во опсесивно размислување. Ова го велам бидејќи сум историчар и начинот на којшто ја изучуваме историјата во школите воопштпо не е критички. Им велиме на учениците на одреден начин да ги научат фактите (датуми, територии,...). Многу од работите тие ги учат напамет, земаат резиме и тоа е она што останува во главата. Значи едукацијата, во поглед на критичкото размислување, не е добра. А од друга страна таа се одвива на начин којшто е многу автодидактичен, а луѓето се склони кон објаснување на недообјаснети нешта. Некои се убедени дека ја откриле вистината, до таа мера што доведуваат во прашање сè и она што ме шокора е што познавам повеќе луѓе кои се доста внесени во теориите на заговор, добар дел од нив мошне едуцирани. Јас сметам дека критичкиoт дух кај нив можеби формира една нова форма на скептицизам кон вистината, тука зборуваме за една состојба на суперкритичко размислување. Декарт запре во еден момент да се сомнева и го препозна постоењето на вистината, затоа што го послуша сопствениот совет дека конечно треба да постои метода за да се дефинира вистината на нештата во природата. Суперкритичарите не веруваат во оваа вистина и сметаат дека сè може да биде доведено во прашање. Иако јас постојано инсистирам на вистината, потребно е да се држиме до тоа да имаме тој компас, бидејќи не можеме да се сомневаме во сè. Некои работи постојат независно од нас и со разум треба да ги прифатиме.

 

Прогласување на проф д-р Фабрис Д'Алмеида во почесен член на Академијата Балканика Еуропеана

Следниот ден во салата на Кинотека на Македонија, се одржа настан на којшто на професорот Фабрис Д'Алмеида му беа врачени две значајни признанија. Имено, професорот Фабрис Д'Алмеида, како Doctor Honoris Causa на Универзитетот Еуропа Прима беше прогласен за почесен член на Академија Балканика Еуропеана и на Меѓународната истражувачка академија на науките и уметностите од Белград, настан со кој Интернационалниот Универзитет ЕУРОПА ПРИМА ќе ја започне својата кампања по повод 20 годишниот јубилеј од своето формирање.

Воведна реч на настанот имаше ректорот на универзитетот Еуропа Прима, проф. д-р Александар Трајковски, кој ја претстави оваа образовна институција и нејзините достигнувања. 

Поздравниот говор по повод промовирањето на проф д-р Фабрис Д'Алмеида во почесен член на Академијата Балканика Еуропеана го одржа проф д-р Анис Сефиданис, кој приликата ја искористи да потсети на проблемите со коишто се среќава во неговата сфера на делување – вештачката интелигенција, промовирајќи балансирана визија за иднината на интегрирањето на вештачката интелигенција во животот на човештвото.

По ова на приситните им се обрати основачот и претседател на универзитетот Еуропа Прима, Јордан Плевнеш, кој зборувајќи за делото на почесниот гостин додаде дека претставува "најголема чест што по прогласувањето на Фабрис Д'Алмеида за докотор онорис кауза тој стана една од маркантните фигури на францускиот интелектуален живот со неговите дела кои се бестселери од 'Историја на пропагандата' до последното негово дело 'Злото што го владее светот'.


По ова на сцената беа поканети академик Љубомир Кекеноски, како претседател на научниот совет на Академијата Балканика Еуропеана, и академик Зендел Абедин Шехи, координатор на Академија Балканика, за да му ги врачат серификатот и признанието за почесно членство во Академијата на професорот Д'Aлмеида. Во неговиот говор академик Љубомир Кекеноски ја истакна улогата на информациите во денешниот свет, и го сподели неговото видување за состојбата во современиот медиумски простор и  влијанието што тоа го има по слободата на човештвото. Како баланс на овој говор академик Зендел Абедин Шехи се осврна на губењето на емотивната нишка со сеприсутноста на кибер-просторот, и потребата секој лично да се заложи за поголема присутност во реалниот свет. 

Заблагодарувајќи се на укажаната чест, д-р Фабрис Д'Алмеида истакна дека се радува на секое негово гостување во просториите на Универзитетот Еуропа Прима, а сега и на приемот во Академијата Балканика Еуропеана бидејќи тоа го носи во една извонредна средина каде конверзацијата се води на повеќе нивоа, со широк спектар на луѓе од најразлични профили и експертизи. Осврнувајќи се на досегашната соработка со Еуропа Прима и нејзиниот основач Јордан Плевнеш, Д'Aлмеида истакна дека приемот во академијата го чувствува како втора највисока чест. 

Клучни зборови: