Рубрика: Климатологија
Нови прогнози: Се најавува екстремно моќен Ел Нињо до крајот на 2026 година
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 22.05.2026 - 17:30

Најновите предвидувања на американската Национална агенција за океани и атмосфера (NOAA) укажуваат на тоа дека до крајот на 2026 година би можело да дојде до развој на потенцијално моќен климатски феномен Ел Нињо, најсилен во последните 150 години. Традиционално, влијанието на Ел Нињо во Европа е најслабо и најнепредвидливо бидејќи сме многу далеку од Пацификот, за разлика од Америка. Додека системот стигне до нашиот континент, тој се деформира и се вкрстува со други системи. Сепак, Балканскиот Полуостров се наоѓа опасно блиску до критичните ризични подрачја за суша и горештини... 

Ел Нињо претставува феномен на екстремно затоплување на површинските води во тропскиот Пацифик. Тоа комплетно ги менува воздушните струи над целата планета. Во Јужна Америка и јужниот дел од Северна Америка се појавуваат најсилни турбуленции. Се очекуваат масивни врнежи, поплави и урагански бури по бреговите. Во Австралија и Југоисточна Азија, пак, се очекува тотален дефект во спротивната насока. Таму системот ќе донесе екстремни суши, високи температури и пожари. Над Атлантикот силниот Ел Нињо обично создава висок вертикален ветер и ја намалува сезоната на урагани, за разлика од Пацификот.

Традиционално, влијанието на Ел Нињо во Европа е најслабо и најнепредвидливо бидејќи сме многу далеку од Пацификот, за разлика од Америка. Додека системот стигне до нашиот континент, тој се деформира и се вкрстува со други системи како што се Северноатлантската осцилација (NAO) и поларниот вортекс. Во текот на летото над Медитеранот, Ел Нињо обично предизвикува екстремни топлински бранови и суши, бидејќи го засилува суптропскиот африкански антициклон кој го блокира продорот на свеж воздух и циклони.

Најновите предвидувања на Националната агенција за океани и атмосфера (NOAA) укажуваат на тоа дека до крајот на 2026 година би можело да дојде до развој на потенцијално моќен климатски феномен Ел Нињо, најсилен во последните 150 години. Се очекува температурите на површината на океанот во делови од Пацификот да се покачат за околу 2,5°C над просекот. Научниците предупредуваат дека ваквите вредности се карактеристични за некои од најсилните епизоди на Ел Нињо забележани во историјата.

Глобални последици врз временските прилики

Истражувачите нагласуваат дека Ел Нињо кон крајот на 2026 и во текот на 2027 година може целосно да ги наруши временските прилики ширум планетата, менувајќи го начинот на кој топлината и влагата се движат низ атмосферата. Можните последици вклучуваат:
• Поплави и екстремно силни бури
• Долготрајни суши и шумски пожари
• Топлотни бранови и пропаѓање на земјоделските култури
• Сериозен притисок врз глобалните системи за производство на храна

Експертите се особено загрижени бидејќи овој феномен се развива во период кога глобалните температури се веќе покачени поради климатските промени. Оваа комбинација би можела дополнително да ги засили и онака екстремните временски услови.

Важна забелешка за нашиот регион: Балканскиот Полуостров се наоѓа опасно блиску до критичните ризични подрачја за суша и горештини (според нумеричките симулации) кои се под влијание на овие глобални промени. Поради ова, постои веројатност нашиот регион да биде изложен на уште поекстремни горештини и долготрајни сушни периоди. Ваквите неповолни климатски трендови дополнително би можеле да го забрзаат веќе критичното намалување на нивото на Преспанското Езеро во 2027 година.

 

Што развојот на супер Ел Нињо значи за Преспа

Да го разгледаме можниот ефект врз врнежите и нивото на езерото од феноменот Ел Нињо, што моментално се развива во Пацификот и се прогнозира дека ќе биде еден од најсилните во последните децении.

Кога врз долгорочниот тренд на загуба на вода од Преспанско Езеро ќе се надоврзе силен Ел Нињо со екстремни летни температури, езерото се наоѓа под двоен притисок. Прво, екстремните топлински бранови во лето го зголемуваат испарувањето на водата, драстично зголемувајќи го падот на нивото. Второ, иако Ел Нињо може да донесе влажна зима со врнежи во Медитеранот, тие почесто доаѓаат како силен дожд во низините наместо како дебелa снежнa покривка на планините, заради повисоката снежна граница и потоплото време. Без долготрајното топење на снегот напролет, дотокот на вода во езерото е намален и нивото започнува да се намалува уште од јуни.

Снег на преспанската страна на планината Баба и Галичица веќе нема. Во наредните 3-4 недели до езерото ќе пристигне водата од истопениот снег и тоа ќе го означи крајот на влажната сезона во Преспа.

Преспа како систем во моментов има сериозен дефицит во напојувањето со вода, така што секој сув и врел циклус дополнително го празни езерото. По врнежливата зима, поверојатно е дека Ел Нињо, во комбинација со глобалното затоплување ќе има негативен ефект врз езерото во претстојното лето и есен.

Тоа јасно се гледа и од приложениот графикон на водостојот. Иако благодарение на влажната зима моменталното ниво (состојба на 20.5.2026 г. од -567 cm) е значително подобро од лани (-618 cm) и е далеку над апсолутниот минимум регистриран во ноември минатата година (-673 cm), прогнозата за претстојниот период е негативна. Со завршувањето на дотокот од истопениот снег и почетокот на летните жештини, линијата на водостојот неминовно ќе тргне во надолна линија, оставајќи го езерото во постојан долгорочен дефицит

Клучни зборови: