Човештвото отсекогаш трагало по ‘фонтаната на младоста’ – од митски напитоци до модерни биохакинг третмани. Сепак, едно ново опсежно научно истражување предлага дека една од најмоќните рецепти против стареењето можеби не се наоѓа во аптеките, туку во нашите спални соби. Истражувањето, кое анализирало податоци од илјадници поединци, открива врска помеѓу квалитетниот сон и биолошката возраст, дефинирајќи колку часа одмор ни се навистина потребни за да го забавиме внатрешниот часовник.
Стареењето не е само хронолошки процес што го мериме со свеќички на тортата. Тоа е сложен биолошки механизам каде нашите клетки, ДНК и органи постепено ја губат својата ефикасност. Но, зошто некои луѓе на 50-годишна возраст изгледаат и се чувствуваат како да имаат 40, додека кај други е обратно? Одговорот, според научниците, во голема мера лежи во циклусите на спиење.
За потребите на споменатото истражување, чии резултати се објавени неделава во Nature, била користена огромната податочна база на UK Biobank, која содржи мозочни снимки, крвни анализи и информации за животниот стил од преку половина милион луѓе. Анализираните податоци од долгорочните здравствени бази, покажале дека сонот не е само пасивен одмор. Тој е активна состојба на „системско одржување“. Додека спиеме, мозокот ги чисти токсините, клетките се регенерираат, а метаболизмот се ресетира. Кога овој процес е нарушен, телото влегува во состојба на стрес кој го забрзува клеточното пропаѓање. Истражувачите забележале дека луѓето кои постојано спијат отприлика околу седум часа покажуваат најдобри резултати во когнитивните тестови и имаат најниски маркери за биолошко стареење.

И некои претходни истражувања ја проучуваа врската помеѓу сонот и процесот на стареење. Една таква студија открила јасна U-образна врска, односно дека кривата на здравјето опаѓа во двата правци – и кај оние кои спијат премалку, но и кај оние кои спијат премногу (преку 9 часа). Имено, недостатокот на сон го зголемува нивото на кортизол (хормонот на стрес) и предизвикува воспалителни процеси во организмот. Од друга страна, прекумерното спиење често е индикатор за други скриени здравствени проблеми или слаб квалитет на самиот одмор, што исто така придонесува за побрзо стареење.
Одредени студии пак укажуваат дека различни органи од телото стареат со различно темпо, користejќи повеќе од дваесет различни ‘биолошки часовници’ – методи што ја проценуваат возраста на органите и ткивата според молекуларни и физиолошки показатели. Тие, на пример, откриваат дека мозокот може да биде особено чувствителен на недостиг од сон, додека срцето и метаболизмот реагираат и на премногу сон. Имено, научниците откриле дека прекините во сонот или неговото кратење директно влијаат на регионите одговорни за меморијата и извршните функции. Кај луѓето со лоши навики за спиење, забележано е намалување на волуменот на мозочното ткиво во клучните зони, што е класичен знак за предвремено стареење.
„Сонот е како редовен сервис на мотор,“ објаснуваат авторите на студијата. „Ако го прескокнувате сервисот, моторот ќе продолжи да работи некое време, но неговиот животен век драстично ќе се скрати.“
Сепак секој човек е различен, па статистиката од ова истражување не значи и дека „златната средина“ од седум часа сон за возрасните лица, одговара за секого. Исто така, клучот не е само во времетраењето, туку и во конзистентноста. Биолошкиот часовник на нашето тело сака предвидливост. Спиењето седум часа во текот на работната недела, а потоа „надополнувањето“ со 12 часа за викендот, не функционира. Напротив, тоа создава т.н. „социјален џет-лег“ кој дополнително го збунува организмот.
За да го искористите сонот како еликсир за младост, науката препорачува рутина, оптимизација на просторијата за спиење и дигитална детоксикација. Преведено во обичен јазик ова значи одење во кревет и будење во слично време секој ден. Потоа, прилагодување на условите во спалната соба – затемнување, проветрување и нагодување на пријатна температура – за подлабок РЕМ циклус. Исклучување на екраните барем еден час пред спиење за да се овозможи природно лачење на мелатонин.
Во свет кој постојано нè притиска да бидеме попродуктивни и да жртвуваме дел од ноќта за работа или забава, ова истражување е силен потсетник дека одморот е инвестиција, а не луксуз. Ако сакате да останете млади, не само на изглед, туку и на клеточно ниво, првиот чекор е едноставен: изгасете го светлото на време. Вашето тело ќе ви биде благодарно со децении кои доаѓаат.