Од печат излезе книгата „Златна јоносфера – радиоаматерство на кратки бранови“ од авторот Владимир Ковачески, Z35M. Книгата е водич во светот на краткобрановото радиоаматерство, каде и покрај современите технологии, директниот контакт „од антена до антена“ ја задржува својата автентичност. Таа ја разоткрива „златната“ можност што ја нуди јоносферата како природен слој кој овозможува радиоврски на големи растојанија без сложена инфраструктура.
Наменета првенствено за почетници, но корисна и за поискусни радиоаматери и радиоклубови, книгата нуди јасно објаснети основи, практични насоки и искуства од реална работа во етерот. Содржината е пристапна и разбирлива, со едноставни објаснувања за простирањето на кратките радиобранови.



Поаѓајќи од тоа дека етерот не се освојува само преку опрема, туку со постепено усовршување на операторските способности, посебен акцент е ставен на класичното радиооператорство со телеграфија и фонија како темел на операторските вештини, кои може да се надградат со современите дигитални модови. Притоа се нагласува практичната работа – слушање, повикување и воспоставување радиоврски во реални услови.
Темелена на четри децениското лично искуство во краткобрановото операторство и портабл активностите со оддржани повеќе од 600.000 радиоврски, оваа книга инспирира да се започне, да се напредува и да се остане активен во етерот.
Книгата може да се набави со нарачка од продавницата на ЕМИТЕР (тука) како и директно од авторот Владимир Ковачески, Z35M, долгогодишен соработник на списанието „Емитер“ и автор на книгите „Радиоаматерство“, „Герила портабл – радиоаматерски активности на отворено“, „Guerrilla Portable – a guide to ultralight outdoor amateur radio“ и „Радиоаматерството во Македонија – развој, криза, нов почеток“.

