Паметните уреди одамна не се ограничени само на телефони и компјутери. Денес сосема нормално е интернет-конекција да имаат и фрижидерите, правосмукалките, камерите, па дури и косилките за трева. Но, најновите откритија од светот на кибер безбедноста покажуваат дека оваа удобност има и темна страна: роботската косилка во дворот може да се претвори во вистинска безбедносна закана.
Во фокусот на вниманието деновиве се најде компанијата Yarbo, производител на автономни роботски косилки, откако безбедносни истражувачи открија сериозни ранливости во нивните системи. Според извештаите, хакери можеле далечински да ја преземат контролата врз машините, да пристапат до нивните камери, па дури и да извлечат чувствителни податоци како Wi-Fi лозинки, и-мејл адреси и GPS локации на корисниците.

Иако сценариото звучи како научна фантастика, демонстрацијата била мошне реална. Известувајќи за заканата од безбедносни пропусти The Verge го опишува реалниот опит на нивниот новинар. Имено, за да покаже колку лесно паметниот уред може да стане физички опасен, новинарот легнал пред машината за косење којашто истражувачот Андреас Макрис оддалечен со илјадници километри од него успеал да ја управува.
Особено загрижува фактот што проблемот не бил резултат на софистициран напад, туку на лоши безбедносни практики. Според истражувачите, сите уреди користеле иста „root“ лозинка, нешто што во кибер безбедноста се смета за сериозен пропуст. Дополнително, уредот поседувал и скриен механизам за далечински пристап што корисниците не можеле да го исклучат.
Случајот е само дел од многу поширок проблем. Експертите веќе со години предупредуваат дека таканаречениот Интернет на нештата (IoT) – мрежата од паметни домашни уреди – често се развива побрзо отколку што се подобрува нивната безбедност. Роботските косилки, како и роботските правосмукалки, се практично мали компјутери на тркала, со камери, микрофони, GPS системи и постојана интернет врска. Тоа значи дека секоја ранливост може да отвори врата не само кон уредот, туку и кон целата домашна мрежа.

Како што веќе пишувавме, слични проблеми беа откриени и кај роботите на Ecovac. Истражувачи покажале дека хакери можеле да активираат камери и микрофони или да преземат контрола врз уредите преку Bluetooth врска. Во некои случаи, компанијата првично ги минимизирала ризиците, но подоцна сепак признала дека ќе мора да ги поправи слабостите.
Она што ја прави ситуацијата уште посериозна е развојот на генеративната вештачка интелигенција. Според нови академски истражувања, AI алатките значително го олеснуваат откривањето и искористувањето на безбедносни пропусти кај роботските системи. Задачи за кои порано биле потребни месеци работа од искусни експерти, денес може да се автоматизираат со помош на современи AI системи.
Секако, ова не значи дека секоја роботска косилка е опасна или дека корисниците треба веднаш да се откажат од паметните технологии. Но, случајот покажува колку е важно производителите да ја третираат безбедноста како основен дел од дизајнот, а не како дополнителна функција што се поправа подоцна.
Во меѓувреме, Yarbo најави серија корекции: уникатни лозинки за секој уред, подобра контрола на далечинскиот пристап и можност корисниците сами да одлучуваат дали ќе дозволат техничка поддршка преку интернет.
Но штетата е веќе направена. Во ера кога сè околу нас станува паметно, прашањето повеќе не е дали уредот е удобен, туку дали е доволно безбеден. А кога станува збор за робот со остри ножеви што самостојно се движи низ дворот, тоа прашање добива сосема нова тежина.