Рубрика: Информатика
Од сервер до суверенитет: чувањето на податоци како стратешко прашање
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 07.05.2026 - 11:45

Вештачката интелигенција го менува речиси секој слој од дигиталната инфраструктура, но можеби никаде толку тивко и суштински како во светот на складирањето податоци. Додека јавноста главно се фокусира на моделите како генеративната ВИ и нивното влијание врз пазарот на трудот, во заднина се случува подеднакво важна револуција – онаа што одредува каде ќе се чуваат податоците, колку брзо тие ќе бидат достапни и колку се безбедни.

Огромните количини информации што се создаваат секоја секунда, од деловни системи и финансиски трансакции до здравствени картони и државни регистри, имаат потреба од инфраструктура што не е само голема, туку и ‘паметна’. Класичните системи за складирање податоци (storage) повеќе не се доволни. Денес од нив се очекува сами да ги препознаваат ризици, да ги оптимизираат перформансите и да предвидуваат дефекти пред тие да се случат.

Токму тука ИБМ ја гледа иднината, во автономни системи за складирање податоци. Станува збор за инфраструктура што користи вештачка интелигенција за управување со сопствените ресурси. Таа автоматски ги распределува податоците, го забрзува пристапот до најважните информации, ја намалува потрошувачката на енергија и препознава безбедносни закани во реално време.

Додека вештачката интелигенција го забрзува развојот на дигиталната инфраструктура, прашањето за складирање на податоците станува подеднакво важно како и самата обработка на информациите.

Ендру Волс од ИБМ предупредува дека податочните центри повеќе го немаат луксузот на простор, енергија, ниту време за бавно закрепнување на системите. Како што тој вели, иднината им припаѓа на автономните storage системи коишто самостојно управуваат со податоците, штедат енергија и ги препознаваат заканите пред да дојде до инцидент.

„Storage повеќе не е само место каде што ги чувате податоците. Тој станува активна линија на одбрана на бизнисот и државата. Кој ги чува податоците, го чува и системот“, порачува Волс.

Меѓутоа, зад секој модерен storage систем стои и глобален синџир на снабдување кој станува сè понестабилен. Напредни чипови, мемориски модули, ретки метали, хелиум за производство на полуспроводници, а тука е и самата логистика на транспортот. Сево ова директно влијае врз цената и достапноста на инфраструктурата.

Кризите, како конфликтите на Блискиот Исток, притисоците во Тајванскиот теснец или нарушувањата во Ормускиот теснец, не влијаат само на енергенсите туку и на производството на компоненти клучни за податочните центри.

Кога енергијата поскапува, поскапува и работењето на податочните центри. Кога чиповите доцнат, се одложува ширењето на cloud инфраструктурата. Кога се нарушуваат транспортните правци, расте цената на целиот дигитален систем. Затоа storage денес не е само технолошко, туку и геополитичко прашање.

Особен фокус се става на т.н. data resiliency, способноста на системот да преживее напад, дефект или катастрофа и брзо да се врати во функција. Во ерата на ransomware напади, прашањето повеќе не е дали системот ќе биде нападнат, туку колку брзо тој може да се опорави. Затоа модерниот storage повеќе не се гледа само како место за чување фајлови, туку и како активна линија на одбрана за бизнисот.

ИБМ својата приказна за дигитална инфраструктура ја гради со децении. Уште во времето на мисиите Аполо, компанијата беше клучен технолошки партнер на НАСА, учествувајќи во развојот на компјутерските системи и поддршката за контролните центри што ги следеа летовите кон Месечината.

Слична логистичка поддршка тие нудат и денес за програмата Артемис, каде современата компјутерска инфраструктура и обработката на огромни количини податоци повторно стануваат клучни за успехот на вселенските мисии.

Од командните соби за освојување на Месечината до автономни податочни центри, суштината останува иста: без сигурни податоци нема ни безбедни одлуки.

ИБМ во своите нови решенија развива концепт на immutable storage, податоци кои еднаш запишани не можат да бидат изменети или избришани без посебни безбедносни процедури.

Во практиката тоа значи дека дури и во случај на успешен напад, компанијата задржува „чиста“ копија од клучните информации и можност за брзо закрепнување. Во комбинација со ВИ анализа на однесувањето на системот, ваквите решенија овозможуваат аномалиите да се откријат уште пред да прераснат во инцидент.

Додека глобалната трка за вештачка интелигенција се забрзува, ИБМ дел од својата најнапредна ВИ инфраструктура ја носи и во соседна Србија. Фокусот е ставен на дежавниот податочен центар во Крагуевац, којшто станува место каде домашната економија и партнерите ќе можат да развиваат и тестираат сопствени ВИ модели. Како што истакнува директорот за продажба на ИБМ во Србија, Горан Биочанин, целта е глобалната стратегија на компанијата да се пренесе и на домашниот пазар.

Она што беше глобална стратегија на ИБМ сакавме да го направиме достапно и во Србија. Во соработка со Канцеларијата за ИТ и е-управа, за еден месец ќе биде достапна Fusion инфраструктура со Watson X платформата во податочниот центар во Крагуевац, за сите партнери и компании што сакаат да работат со нас на развој на нови ВИ модели, да го испробаат OpenShift и оптимизацијата Red Hat “, изјави Биочанин.

Клучни зборови: