– Добро утро, колку е денес барел нафта?
– 115 долари за барел.
Веќе два месеца првите вести се однесуваат на цената на нафтата бидејќи таа секојдневно се менува во зависност од изјавата на Доналд Трамп за тековниот ден. А тој изјавите ги менува речиси секој ден. Се сеќавате, два дена по нападот на САД и Израел врз Иран, Трамп изјави дека Иран е поразен, воените ресурси му се уништени, водечките политички и воени лидери беа ликвидирани и треба само формално да се склучи нешто како мировен договор. Но, ситуацијата стана сложена и до ден денес таа е неизвесна.
Околу 20% од светската потрошувачка на нафта и природен гас се транспортира низ Ормускиот теснец од Персискиот Залив. Овие денови транспортот низ теснецот е речиси блокиран и од Иран и од силите на САД. Со ова се штетно погодени земјите од Заливот – Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар, Бахреин и Кувајт, коишто сега се спречени да извезуваат нафта и течен гас. Се разбира дека ова се одразува и на земјите кориснички, увозници на тие количини на горива, претежно од источна Азија. Но, кризата се рашири во цел свет бидејќи побарувачката за нафта и гас нагло се зголеми. На светските берзи цената на нафтата порасна за околу 70%. Кои земји и компании имаат корист од оваа енергетска криза?

Производство на нафта по земји
Од приложениот дијаграм се гледа дека тоа се САД кои по 2010 година станаа најголеми произведувачи на нафта и природен гас користејќи нова технологија на експлоатација на овие горива од шкрилци.
Многу е интересно да се види списокот на најголемите компании инволвирани во производството и тргувањето со нафта и гас. Тоа се:
• Saudi Aramco,
• ExxonMobil (САД),
• Chevron (САД),
• Shell (седиште во Лондон),
• PetroChina (Кина),
• TotalEnergies (Франција),
• ConocoPhillips (САД) итн.
Овие компании веројатно сега ја продаваат нафтата по берзанска цена која од околу 65 долари сега скокнала на околу 115 долари, значи за над 70% повисока цена. Може да се каже дека заради нападот на САД врз Иран овие компании ја продаваат нафтата по многу повисока цена иако производствените трошоци останале исти. Со други зборови, тие го зголемиле профитот за дополнителни околу 70% од претходната цена. Вистинските зборови за ова се “воено профитерство“. Гледаме дека овие нафтени компании се претежно од големи и богати земји.
Енергијата има големо влијание на економијата. Високите цени на горивата предизвикуваат економска криза во сите земји кои увезуваат горива, тоа се и големи и мали земји. Дури и една Германија, која важи за економски силна држава, има економска криза заради високите цени на енергијата. Тоа е уште повеќе изразено кај сиромашните земји.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека Европа дневно губи речиси 500 милиони евра. Некои економски аналитичари велат дека ако САД и Иран не постигнат конечен мировен договор во следните два месеца, цената на барел нафта ќе достигне 150 долари. Во таков случај покрај зголемување на енергетската криза ќе се појават кризи и во други области, а најкритично ќе биде кај производството на храна.
Некако случајно бомби се фрлаат во земји каде што има извори на нафта и природен гас, да ги наведам: Ирак, Либија, Сирија, Иран, а Венецуела помина многу лесно. Има други земји со нафта и гас кои не се воено нападнати, ама таму има мултинационални компании инволвирани во бизнисот со експлоатација на тие горива.
Но, таков е денес политичкиот и економскиот поредок во светот (капитализам) каде што главен приоритет е создавањето профит.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје