Во длабочините на океаните живее едно од најзагадочните суштества на планетата – октоподот. Со своите осум пипала, камуфлажни способности и изненадувачка интелигенција, тој одамна го привлекува вниманието на научниците. Но, едно прашање останува отворено: дали неговиот мозок функционира на начин сличен на човечкиот или претставува сосема поинаков пат до интелигенција?
Кога се обидува да го разбере потеклото на интелигенцијата, невронауката традиционално се фокусира на ‘рбетниците, особено на цицачите. Но, октоподите и нивните роднини, лигњите и сипите, нудат уникатна можност за увид во интелигенцијата од сосема поинаква перспектива. Тие припаѓаат на групата главонози (Cephalopoda), коишто развиле сложени нервни системи независно од ‘рбетниците.
Она што ги прави особено интересни е нивната „децентрализирана“ нервна архитектура. Имено, за разлика од луѓето, кај кои мозокот е централен контролен орган, кај октоподите голем дел од невроните се наоѓаат во нивните пипала. Секое пипало може да обработува информации и да реагира речиси автономно, небаре мал „подмозок“. Ова значи дека интелигенцијата кај нив не е концентрирана на едно место, туку е „распрсната“ низ целото тело.

Оваа организација отвора нови прашања за тоа што всушност значи да се биде интелигентен. Кај луѓето, интелигенцијата често се поврзува со апстрактно размислување, јазик и планирање. Но, октоподите покажуваат способности како решавање проблеми, користење алатки и учење преку искуство, без да поседуваат мозок структуриран како нашиот.
Дополнително, нивната интелигенција не произлегува само од структурата на нервниот систем, туку и од неовообичаени генетски механизми. Истражувањата покажуваат дека главонозите имаат исклучително развиен процес на т.н. РНК уредување (RNA editing) –способност за своевидно „фино нагодување“ на генетските инструкции. Кај октоподите, овој процес е особено активен во нервното ткиво, што им овозможува поголема флексибилност во функционирањето на невроните. Со други зборови, нивниот код не е статичен, туку динамичен.
Интересен парадокс е нивниот кус животен век. Повеќето октоподи живеат само една до две години, што значи дека нивните когнитивни способности мора да се развиваат брзо и ефикасно. За разлика од многу интелигентни цицачи, тие немаат долг период на учење ниту сложени социјални структури што ја поттикнуваат интелигенцијата.
Навистина, октоподите се претежно самотници. Нивната интелигенција не е изградена врз комуникација и соработка, туку врз индивидуално истражување и адаптација. Ова е силен показател дека интелигенцијата може да се појави и без социјален контекст, како резултат на директна интеракција со околината.
Тука особено важна е нивната перцепција. Пипалата на октоподите не служат само за движење, тие се и сложени сензорни органи. Благодарение на хеморецепторите, тие можат да „вкусуваат“ преку допир, што значи дека нивното доживување на светот е суштински поразлично од нашето. Кај нив, границата помеѓу сетилото и акцијата е речиси непостоечка.
Оваа тесна поврзаност помеѓу перцепцијата и движењето ја поддржува идејата за т.н. „втелотворена интелигенција“ (embodied intelligence), концепт според кој умот не е ограничен на мозокот, туку е распределен низ телото. Кај октоподите, ова не е само теорија, туку практична реалност. Сознанијата имаат импликации и надвор од биологијата. Во роботиката и развојот на вештачка интелигенција, научниците сè повеќе се инспирираат од децентрализираните системи на октоподите. Наместо централизирана контрола, се истражуваат модели каде повеќе „локални“ единици самостојно донесуваат одлуки, што овозможува поголема адаптивност и отпорност.
Покрај тоа, расте и интересот за етичкиот статус на овие животни. Поради нивната комплексна нервна организација и способност за учење, во некои земји октоподите веќе се признаени како чувствителни суштества во научни истражувања, нешто што ретко се случува со без’рбетници.
Останува отворено прашањето дали можеме да ја споредуваме интелигенцијата на октоподите со човечката? Можеби таквата споредба е погрешна од самиот почеток. Наместо тоа, научниците сè повеќе ја гледаат интелигенцијата како спектар, збир од различни стратегии за справување со светот.
Конечно, проучувањето на октоподите не само што ни помага подобро да ги разбереме овие фасцинантни суштества, туку и нè тера да ја преиспитаме нашата сопствена дефиниција за умот. Дали интелигенцијата мора да биде централизирана, логична и јазично ориентирана? Или може да биде распределена, телесна и интуитивна?
Одговорите на овие прашања можеби лежат токму во морските длабочини, каде еволуцијата веќе експериментирала со алтернативни форми на „ум“. И токму таму, во светот на октоподите, можеби се крие клучот за разбирање на интелигенцијата во нејзината најширока и најразновидна форма.