Рубрика: Колумна
Енергетска безбедност во националниот план за енергија и клима 2025-2030
Автор: Ристо Цицонков
Објавено на 23.04.2026 - 14:15

Пред неколку дена Владата го усвои документот со наслов 'Интегриран Национален план за енергија и клима 2025–2030'. Според Министерството за енергетика ова е стратешки документ што ја поставува државата на јасна патека кон енергетска трансформација, одржлив развој и целосно усогласување со европските политики. Ја посетив-веб страницата на Министерството со цел да го ‘симнам’ документот и да го прочитам, но таму не можев да го најдам. Случајно го најдов на интернет, на веб-страницата на Министерство за дигитална трансформација.

Всушност овој документ бил подготвен уште во 2020 година и бил даден на јавна расправа кај нас и до некои странски институции. Тоа значи дека се користени документи од 2010 до 2019 година, а во меѓувреме се ажурирани само мал број податоци. Нагласено е дека главни документи што биле користени се:

• Стратегија за развој на енергетскиот сектор до 2040 година (од 2019 година);
• Долгорочна стратегија за климатска акција до 2050 година – (од 2021 година);
• Четврта национална комуникација за климатските промени (2023);
• Закон за климатска акција – нацрт (не е донесен);
... итн.

Како кандидат за членство во ЕУ, Република Македонија  треба да ги усогласува своите енергетски политики со пет клучни столба на Европската енергетска унија, наречени и како димензии. Тие се:

• Енергетска безбедност;
• Ватрешен енергетски пазар;
• Енергетска ефикасност;
• Декарбонизација;
• Истражување, иновации и конкурентност.

Понатаму ќе се осврнам на димензијата енергетската безбедност во Република Македонија која е наведена во овој документ во смисла на нејзино подобрување и зајакнување.

Најнапред да ја согледаме сегашната состојба во која има препреки за енергетската безбедност на Република Македонија и долгорочната одржливост на енергетскиот систем. Тоа се застарената опрема за производство на електрична енергија, особено термоцентралите на јаглен, зависноста од фосилни горива (јаглен, нафта, гас), старите хидроцентрали што треба повремено да се рехабилитираат, застареноста на електроенергетската мрежа, недоволната флексибилност на енергетскиот систем, а тука се и геополитичките ризици.

Во Резимето на документот пишува: “За да се подобри енергетската безбедност, Република Македонија работи на диверзификација на своите извори на енергија, намалување на зависноста од јаглен и проширување на секторот на обновлива енергија, вклучувајќи сончева енергија, ветер и хидроенергија“.
Исто така се спомнува проширување на инфраструктурата за природен гас, инвестиции во технологии за складирање на енергија, како што се складирањето во батерии и пумпна хидроакумулација, со цел да се подобри стабилноста на мрежата.

Бидејќи последниве години се случува интензивна изградба на системи со обновливи извори на енергија, во поедини периоди се јавуваат и вишоци на произведена електрична енергија. Затоа се планираат и технички мерки коишто се однесуваат на надградби на инфраструктурата за складирање на енергија, неопходни за апсорбирање на зголеменото производството на електрична енергија од обновливи извори. Се очекува инсталирање на стационарни батерии со капацитет од најмалку 200 MW и капацитет за складирање од 400 MWh да бидат поврзани со електроенергетскиот систем до 2030 година.

Мошне важно е што се планира изградба на реверзибилната хидроелектрана Чебрен со моќност од 333 MW којашто треба да биде поврзана со електромрежата во 2035 година. Се споменува дека ова ќе биде државна инвестиција од една милијарда евра. Од друга страна, не се спомнати други потенцијални хидроцентрали (Бошков Мост, проектот Вардарска долина и др.) коишто ги има во Стратегијата за енергетски развој на РМ до 2040 година. Исто така, не се конкретно планирани системи со пумпна хидроакумулација.

Во врска со планираните инвестиции за енергетска трансформација за кои се потребни значителни финансиски средства, како кандидат за членство во ЕУ, Република Македонија може да се обрати за финансирање и техничка помош од Европскиот зелен договор и други иницијативи на ЕУ, но и од други финансиски институции.

Во изминатите децении беа донесени неколку стратегии за енергетски развој на Република Македонија во кои имаше корисни работи, но за жал немаше реализација на плановите од тие документи, особено тоа се однесува за изградба на капитални објекти, на пример хидроцентрали.

Да се надеваме дека планираните мерки во НАЦИОНАЛНИОТ ПЛАН ЗА ЕНЕРГИЈА И КЛИМА овој пат ќе бидат навистина реализирани.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Mашински факултет – Скопје

Клучни зборови: