Рубрика: Омнибус
Луѓето масовно коментираат дека мисијата на Месечината е измама. Може ли да се разубедат?
Автор: Ненад Јариќ Даунхауер
Објавено на 13.04.2026 - 18:00

Наспроти фасцинантните достигнувања што човештвото ги постигна во изминатите 70-тина години истражување на вселената, дури и денес, откако екипажот на мисијата Артемида 2 повторно прелета околу Месечината, сè уште има многу луѓе кои не веруваат дека луѓето некогаш го посетиле природниот сателит на Земјата. Анкетите на Галуп покажуваат дека нивниот удел е релативно мал - помеѓу 5% и 10%, но дека тие се стабилно малцинство кое е многу гласно на социјалните мрежи. Во овој напис ќе се обидеме да се осврнеме на некои понови теории на заговор врзани за летот до Месечината, но и на прашањето – зошто еден дел од населението е толку упорен во своите верувања и отпорен на сите аргументи.

Станува збор за идентитет, а не за аргументи

Психологот Никола Ерцег од Филозофскиот факултет во Загреб истакнува дека е тешко да се очекува дека луѓето кои не веруваат во лет на Месечината лесно ќе ги прифатат доказите и логиката, бидејќи главна причина зошто тие веруваат во теориите на заговор не е недостатокот од информации, туку тоа што ваквите теории им исполнуваат важни психолошки потреби.

Според моделот на Карен Даглас и нејзините колеги, теориите на заговор им помагаат на луѓето да го разберат светот, да чувствуваат барем некаква контрола врз работите што ги плашат и да ја одржат позитивната слика за себе и групата на која ѝ припаѓаат“, вели психологот.

А кога вербата ги исполнува овие длабоки потреби, таа станува дел од идентитетот.

Ерцег истакнува дека во таквите околности се вклучува т.н. мотивирано расудување, истиот механизам што функционира и кај политиката, религијата или групната припадност.

Ги прифаќаме доказите што ја потврдуваат нашата позиција, а оние што ја загрозуваат ги отфрламе или ги толкуваме како дополнителни докази во поддршка на заговорот. Ова не е специфично само за теориите на заговор. Сите го правиме ова кога станува збор за работи што се важни за нас. На пример, кога навивачите ги толкуваат одлуките на судиите, тие секогаш сметаат дека судиите прават грешки на штета на нивните клубови“, објаснува тој.

 

Песимизам и надежи

Долго време, песимизмот преовладуваше помеѓу психолозите во врска со ова прашање.

Ерцег вели дека еден системски преглед од 2023 година открил дека обидите за исправка на верувањата во теории на заговор даваат слаби и недоследни резултати бидејќи тие не се занимаваат со причините зошто луѓето веруваат во нив.

Сепак, неодамнешните наоди се охрабрувачки.

Ерцег наведува дека во 2024 година, Костело и колеги објавиле студија во списанието Science во која учесниците разговарале со систем на вештачка интелигенција кој трпеливо и персонализирано одговарал на нивните аргументи. (заб. за оваа студија пишувавме во Дали чет-ботовите шират или ги сузбиваат лажните вести? )

Ваквите разговори ги намалиле верувањата во теории на заговор за околу 20%, а ефектот сè уште бил присутен и по изминати два месеца. Конечно, една студија од 2025 година покажа дека не е клучно дали соговорникот е вештачка интелигенција или човек, туку клучен е квалитетот и прилагодленоста на аргументите. Ова укажува на тоа дека луѓето кои веруваат во теории на заговор не се имуни на аргументи, но тие бараат многу напор, дури премногу за нормална комуникација на социјалните мрежи“, објаснува експертот за теориите на заговор.

 

Што е со ефектот на социјални медиуми?

Анонимноста и социјалните мрежи дополнително го влошуваат проблемот, но на различни начини.

Ерцег истакнува дека луѓето се однесувале поекстремно кога биле анонимни дури и пред интернетот, при што онлајн средината го засилува ова однесување и го прави повидливо.

Поголем проблем се самите платформи. Имено, алгоритмите ја фаворизираат содржината што предизвикува силни емоции, па се создаваат информациски меури во коишто верувањата се консолидираат, а различните мислења исчезнуваат. Кога ќе ги отстранат од големите платформи, радикалните корисници честопати се префрлаат на алтернативи од типот на Gab или Telegram, кадешто нема спротивставени ставови“, додава тој.

 

Клучен проблем се изворите на дезинформации

Загрепскиот психолог предупредува дека во приказната за дезинформациите не треба да се игнорираат оние што нив ги создаваат и ги шират, вклучувајќи ги политичките и другите актери како и платформите што заработуваат од тоа.

Недовербата во институциите е еден од клучните фактори и делува во обете насоки. Истражувањето на податоците од 17 европски земји покажа дека економската неизвесност ја намалува довербата во институциите и ја зголемува склоноста кон теории на заговор. Популизмот дополнително го зајакнува ова со наративот за чесните луѓе и корумпираните елити, којшто политичарите активно го користат. А откако ќе се разгори недовербата, враќањето кон претходното ниво е тешко. Хорнзи и колегите покажаа на примерок од 36 земји дека верувањата во теории на заговор се почести во покорумпираните и посиромашните општества, што укажува дека проблемот не е само кај поединците, туку и во општествениот контекст.

Што е со троловите?

Иако на социјалните мрежи постојат тролови чијашто цел е да провоцираат, Ерцег смета дека тие не се главни актери во ширењето на теориите на заговор.

Истражувањата покажуваат дека овие верувања се поврзани со потребата да се чувствуваме посебно односно дека знаеме нешто што другите не го знаат. Круглански го опишува ова како потрага по значајност. На крајот на краиштата, луѓето веруваат во заговори бидејќи тоа им помага да ги задоволат длабоките психолошки потреби за припадност, разбирање и контрола. Она што однадвор изгледа како провокација често е обид за исполнување на овие потреби, иако тоа ретко успева“, порачува Ерцег.

 

Ако можевме пред 50 години, зошто не можеме сега?

Како што најавивме на почетокот од написот, ќе се обидеме да одговориме на неколку од најчестите аргументи на теоретичарите на заговор во врска со новата мисија, Артемида 2.

Еден од најчестите е прашањето: ако можевме да слетаме на Месечината пред 50 години, зошто не можеме да го направиме тоа денес?

 

Значително поинаква мисија

Проф. д-р сц. Здравко Терзе од Факултетот за машинско инженерство и бродоградба при Универзитетот во Загреб, раководител на неколку проекти на европската вселенска агенција ЕСА, смета дека прашањето е всушност логично, но тој истакнува дека одговорот лежи во тоа што мисијата Артемида не е едноставна реприза на мисиите Аполо.

Целта на Аполо беше политичка – да стигне до Месечината пред СССР и успешно да се врати назад. Денес, амбициите се поголеми. НАСА не сака само да ја посети Месечината, туку и да остане таму, да изгради база, да истражува ресурси и да тестира технологии за мисиите на Марс. Фигуративно, многу е потешко да се изгради самоодржлива куќа отколку да се отиде на кампување од три дена“, објаснува Терзе.

Помал буџет и поголема безбедност

Друга клучна причина се парите.

Терзе вели дека во ерата на Аполо, вселената била национален приоритет.

Тогаш, за вселенската програма САД трошеле 4-5% од федералниот буџет, додека денес НАСА добива околу 0,4-0,5%. Покрај тоа, безбедносните стандарди се неспоредливо построги. Армстронг проценил дека шансите за успех на Аполо 11 биле околу 50%. Денес, ваков ризик е неприфатлив. Тој зависи од мисијата, но НАСА го проценува ризикот за губење на екипаж на околу 1 : 200“, вели Терзе.

 

Комерцијализација и нова технологија

Уште една разлика е тоа што Артемида, за разлика од Аполо, се потпира на приватни компании како што се Спејс Екс и Блу Ориџин.

Терзе предупредува дека ова на долг рок ги намалува трошоците, но на краток рок значи развој на нови, сè уште непроверени системи.

Пред 50 години, скокнавме преку ограда за да покажеме дека можеме. Денес, градиме пат, мост и населба од другата страна“, вели тој.

 

Зошто Земјата изгледа како топка?

Чест аргумент на социјалните медиуми е дека Земјата изгледа совршено тркалезна на фотографиите, иако во реалноста таа е сплескана на половите.

Терзе објаснува дека закривеноста е премногу мала за да биде забележлива.

Пречникот на екваторот е околу 12 756 км, а од пол до пол тој изнесува околу 12 714 км. Разликата е едвај 42 км, или околу 0,3%, што човечкото око не може да го забележи. За разликата да биде видлива, таа би морала да изнесува барем 1-2%.

 

Зошто сликите се со слаб квалитет?

Проблемите со видео следењето на новата мисија честопати погрешно се наведуваат како доказ за манипулација.

Терзе забележува дека постојат логички причини за ова.

Сигналот од Месечината доцни за околу 1,3 секунди во еден правец, а вселенските летала користат радиобранови со ограничена јачина бидејќи мора да ја заштедат енергијата за работа на поважните системи какви што се греењето и кислородот. Освен тоа, Мрежата за длабока вселена (Deep Space Network) на НАСА – мрежа од антени одговорни за следење во САД, Шпанија и Австралија, опслужува и десетици други мисии, па сосема очекувано доаѓа до загушување.

Дополнителен проблем е тоа што вселенското летало Орион мора да ротира поради загревањето на страната којашто е изложена на Сонцето, што го отежнува прецизното насочување на антената. Исто така, постои и космичко зрачење коешто може да се меша со сигналот. Освен тоа, приоритет имаат телеметриските податоци кои се критични за мисијата, а не висококвалитетното видео.

 

Дали постојат независни докази?

Тврдењето дека нема независна потврда за мисијата Артемида 2 е исто така неосновано.

Артемида 2 ја следеа мноштво земји, агенции и илјадници аматери. НАСА вклучи 34 независни учесници од 14 земји кои го следеа сигналот на вселенското летало Орион. Во следењето исто така учествуваа и ЕУ, Кина, Индија, како и голем број астрономи и радиоаматери [заб. како што тоа го направи нашиот соработник Дејан Трајковски – види Летот на Орион се следи директно и од Македонија]. Во денешниот свет, каде што сигналот може да се следи од покривот на куќата, речиси е невозможно да се лажира таква мисија без некој да забележи“, забележува Терзе.

 

Смртоносно зрачење?

Конечно, не точна ниту тезата дека екипажот не може да го преживее зрачењето во Ван Аленовите појаси.

Вселенските летала бргу минуваат низ нив, а мерењата од мисијата Артемида 1 покажаа дека дозите на зрачење се во безбедни граници, споредливи со еднократно рендгенско снимање на градите“, заклучува Терзе.

 

Преземено од Index.hr  со дозвола на авторот Nenad Jarić Dauenhauer

За сите што сакаат да знаат нешто повеќе или пак имаат некои неразјаснети работи во врска со патот на луѓето до Месечината и мисиите Аполо ве упатуваме да го прегледате серијалот Луѓе на Месечината – подвиг или измама?  

Клучни зборови: