По десет дена патување низ длабоката вселена и обиколка околу Месечината, мисијата Артемида 2 е во својата најдраматична фаза – враќањето дома. Иако погледите најчесто се насочени кон лансирањето и летот вистинскиот тест за технологијата и екипажот доаѓа на самиот крај.
Мисијата, лансирана на 1 април 2026 година, беше првото човечко патување околу Месечината по повеќе од половина век. Астронаутите поминаа околу 10 дена во лет, следејќи т.н. траекторија на ‘слободен пат’ (free-return) траекторија – природна патека што ги враќа назад кон Земјата без потреба од дополнителен погон.
Враќањето не е само спектакуларен момент, туку внимателно кореографиран процес што започнува часови пред самото слетување. Работниот ден на екипажот, којшто ќе вклучува серија прецизни подготовки, ќе започне околу 17 часот и 35 минути по македонско време. Астронаутите вршат финални проверки на системите, ја обезбедуваат кабината и опремата и ги облекуваат специјалните вселенски костуми за слетување. Во 19 часот и 50 минути по македонско време, тие ги започнуваат последните подготовки на капсулата за влез во атмосферата: складирање на опремата, проверка на системите и обезбедување на кабината, бидејќи сè што не е фиксирано може да се претвори во опасен ‘пректил’ при силните забрзувања што ќе следуваат.
Орион постепено се позиционира за заземање на точен агол при влез во атмосферата. Премногу стрмен агол би значел преголема топлина и ризик од опасно прегревање, слично како што премногу плиток би значел одбивање од атмосферата и ‘катапултирање’ назад во вселената. Затоа еден од клучните моменти е т.н. деорбитално согорување (deorbit burn), маневар со кој леталото Орион ја напушта својата траекторија и го започнува падот кон Земјата.
Планирано е капсулата да навлезе во земјината атмосфера неколку минути пред 2 часот по полноќ, со брзина од околу 40 000 километри на час. Во тие моменти ќе се активира и т.н. техника на одскок при влез (skip reentry), којашто претстравува контролирано ‘скокање’ низ горните слоеви на атмосферата, што овозможува подобро справување со топлината којашто се создава при триењето и оптоварувањето.
Од моментот на влез во атмосферата до конечното спуштање поминуваат околу 13 минути – краток, но екстремно интензивен период во кој се одлучува успехот на целата мисија. Во тие мигови астронаутите се изложени на сили до речиси четирикратна тежина на нивното тело, додека топлинскиот штит на „Орион“ ја врши својата најважна задача.
При влезот, леталото се обвива во плазма, а температурите достигнуваат и до 2700ºC. Комуникацијата со Земјата накратко се губи – феномен познат како ‘радио-помрачување’ (blackout). Овие неколку минути се меѓу најнапнатите во целата мисија.

По првиот контакт со атмосферата и најжешката фаза, леталото нагло забавува. По ова следи внимателно темпирано отворање на системот од падобрани, што постепено ја намалуваат брзината.
Од хиперсонични вредности, брзината на Орион ќе се спушти до релативно ‘мирни’ триесетина километри на час пред контакт со водата. Во тие моменти астронаутите чувствуваат сили на оптоварување до речиси 4G, што е огромен напор за нивното тело кое поминало денови во бестежинска состојба
Според планот во 2 часот и 7 минути по полноќ по македонско време (11 април) капсулата треба да ги допре водите на Тихиот Океан во близина на брегот на Калифорнија, каде ги очекуваат спасувачките тимови на американската морнарица. Нуркачките тимови од бродот USS John P. Murtha, ќе го обезбедат леталото додека астронаутите се извлекуваат и пренесуваат со хеликоптер директно на бродот. По ова за екипажот од мисијата Артемида 2 следуваат медицински прегледи. Ова е прва ваква соработка помеѓу НАСА и американската морнарица по крајот на мисиите од програмата Аполо.
Иако технички мисијата завршува со слетувањето во вода (splashdown), за екипажот тука започнува нов предизвик. Телото мора да се прилагоди на повторното изложување на гравитацијата, а ова значи вртоглавици, слабост и нарушена рамнотежа како нормални реакции. Но тоа е мала цена што сите астронаути ја плаќаат по денови поминати во бестежинска состојба.
Артемида 2 не е само уште едно патување во вселената. Таа е клучен чекор кон враќањето на човекот на Месечината и подготовка за идните мисии кон Марс.Успешната мисија значи и потврда дека човештвото повторно е подготвено за големи чекори во вселената.