Во некоја замислената иднина на човештвото, каде патувањата до Месечината и Марс ќе бидат дел од секојдневието, една микроскопска форма на живот може да стане клучна за нашиот опстанок. Тоа е спирулината, цијанобактерија со научно име Limnospira indica, позната како диететски додаток и суперхрана, но со потенцијал да се претвори во основа на биорегенеративните системи во вселената.
На Меѓународната вселенска станица започнува експеримент наречен „Limnospira on ISS“, предводен од Институтот за вселенски студии на Каталонија (IEEC) и Универзитетот во Барселона (УБ), а во соработка со групацијата Сенер и Институтот за микроелектроника во Барселона. Целта е да се открие како оваа микроскопска алга се однесува во услови на микрогравитација и дали може да стане дел од затворените еколошки кругови што ќе обезбедуваат кислород, вода и храна за астронаутите.
Спирулината има три извонредни својства: го апсорбира јаглеродниот диоксид што го издишува екипажот, ослободува кислород преку фотосинтеза и создава хранлива биомаса богата со протеини. „Овој микроорганизам може да го претвори здивот на астронаутите во кислород и храна,“ објаснува Франсеск Годија, истражувач во IEEC и редовен професор за хемиски инженеринг при УБ, кој го води проектот. Но, останува прашањето: дали ќе спирулината ќе расте исто во орбита како на Земјата? Ќе ја задржи ли својата фотосинтетска ефикасност? И дали ќе може да преживее долги периоди во темнина пред да биде активирана?
За да добијат одговор на овие прашања, научниците развија специјални „Limnospira Boxes“ – пет минијатурни касети за култура (проѕирни запечатени комори каде ќе растат клетките). Касетите се опремени со отвори за влез на културен медиум и излез на воздух, имаат индивидуално LED осветлување, интегрирани фотонски сензори и минијатуризирани електронски системи за следење и снимање на податоците. Покрај тоа, секоја касета ги мери и оптичките параметри и автоматски снима слики од културата.

Касетите со LED осветлување фото: IMB-CNM-CSIC
Астронаутите ќе ги активираат во модулот Кубик на ISS, каде спирулината ќе расте две недели под постојана светлина и на температура од 36 °C. По завршувањето, примероците ќе бидат замрзнати и вратени на Земјата за споредба со контролни култури.
Со децении, Limnospira indica е дел од студиите за системи за одржување на живот промовирани од Европската вселенска агенција (ESA), поточно проектот MELiSSA (Алтернатива на микроеколошки систем за поддршка на живот), кој има своја пилот-постројка на Автономниот универзитет во Барселона. Експериментот „Limnospira на ISS“ е тесно поврзан со овој проект. Идејата е едноставна, но револуционерна: отпадот на астронаутите да стане ресурс, а микроорганизмите како спирулината да го претвораат во кислород и храна. Таквиот затворен круг е предуслов за долготрајни мисии, каде снабдувањето од Земјата е невозможно. Неговото создавање претставува значаен научен и технолошки предизвик што мора да се надмине ако сакаме вистински да посегнеме кон ѕвездите.
Тимот од IEEC и УБ ќе спроведе неколку супкултури во текот на 12 дена за да се постигне соодветна концентрација на клетки. Примероците ќе бидат натоварени во стерилни кеси и вметнати во опремата: вака ќе се создадат касетите Limnospira Boxes, кои како научен товар ќе се упатат до МВС. Притоа и ќе се чуваат во контролирани термички услови со културите во темница сѐ дури не пристигнат на одредиштето. Таму, еден од астронаутите ќе ги постави во планираниот слот во Кјубик модулот на МВС, кој ќе дејствува како инкубатор, и ќе го поврзе напојувањето и сензорите за да го активира системот. Во период од околу две недели, клетките ќе растат во микрогравитација на 36 °C со постојано осветлување и циклуси на следење. Конечно, примероците ќе бидат префрлени во фрижидер на 4 °C, каде ќе се чуваат до нивно враќање на Земјата. Потоа примероците ќе се анализираат во лабораторија за да се споредат со терестријалните контролни примероци.

Прототип на контејнерите за превоз и престој на Limnospira на МВС фото: Sener
Ако експериментот покаже дека Limnospira indica успешно се адаптира на микрогравитација, таа може да стане дел од идните вселенски биореактори. Замислете база на Марс каде секој здив на екипажот се претвора во нова доза кислород и протеинска храна – симбиоза меѓу човекот и бактеријата што ја надминува границата меѓу Земјата и вселената.
Со оваа мисија Европа прави чекор поблиску до самостојно живеење надвор од нашата планета. Спирулината, некогаш позната само како додаток во исхраната, денес станува надеж за идните генерации истражувачи кои ќе го освојуваат космосот. И можеби токму оваа скромна цијанобактерија ќе биде мостот што ќе ни овозможи да го претвориме сонот за живот на други светови во реалност.