Рубрика: Омнибус
САД ќе ги отвораат “досиејата X“ – што може да очекуваме?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 27.02.2026 - 14:30

Неодамна американскиот претседател им нареди на Пентагон и федералните агенции да започнат процес на декласификација на документи поврзани со непознати летачки објекти, можен живот надвор од Земјата и сите други поврзани информации, потег што ги врати во центарот на глобалната јавна дебата неидентификуваните воздушни феномени (НВФ) или попознати како НЛО (неидентификувани летечки објекти). Одлуката доаѓа како одговор на „огромниот интерес на јавноста “, истакнаа од Белата куќа во објавата пласирана на социјалната мрежа на Трамп.

Од аспект на официјалната политика, ова е несомнено историски потег. За првпат во последниве децении американската влада се обврзува на систематско отворање на архиви за феномени што долго се сметаат за табу тема, предмет на шпекулации и теории на заговор. Но, прашањето што многумина си го поставуваат е: дали ова ќе доведе до некои радикални откритија, или само ќе ги нахрани веќе постоечките митови?

Што во пракса значи декласификацијата?

Според досегашните информации, декласификацијата не значи моментално и целосно објавување на сите тајни документи, туку започнување на процес со кој одредени фрагменти од владините архиви ќе бидат идентификувани и подготвени за јавна објава. Тоа може да вклучи податоци од радари, снимки, технички евалуации и други материјали што досега биле чувани поради ред безбедносни клаузули. Но, високи официјални лица предупредуваат дека многу од чувствителните податоци може да останат класифицирани како строго доверливи ако нивното објавување се смета за ризик за националната безбедност.

Официјално, документите поврзани со НВФ/НЛО се однесуваат на обемни истражувања што траат со години – од програми како Advanced Aerospace Threat Identification Program и All-domain Anomaly Resolution Office до извештаи што редовно се доставуваат до Конгресот. Според овие извештаи, многу наводни инциденти останале необјаснети, но некои убедливи докази дека станува збор за технологии од вонземско потекло – нема.

Наука или сензационализам – каде е линијата?

Една од најконтроверзните страни на оваа иницијатива е односот помеѓу научната емпирија и политичкиот циркус. Истражувачите што се занимаваат со потрага по живот надвор од Земјата, од астрофизичари до агенции како НАСА, долго укажуваат дека научниот пристап бара строга валидација и репродуцирачки податоци – принцип што е далеку од сензационалистичките наслови и теории што мошне често можат да се сретнат на интернет. Впрочем ова вие драги читатели добро го знаете, особено ако го следевте фељтонот Мистеријата наречена НЛО каде во десетина продолженија на оваа тема дебатираа најголемиот македонски уфолог Стојмир Симјаноски и скептикот Владимир Филевски, разгледувајќи ги некои од најпознатите (заедно со некои од помалку познатите) пријавени “видувања” на НЛО.

Така, додека политичките кругови ја прославуваат „возбудата“ околу потенцијалната декласификација, научната заедница повикува на умереност. Науката покажала дека огромното мнозинство на навидум необјасниви настани може да се објаснат со природни феномени, човечки грешки или познати објекти – балони, дронови, сателити– додека мал дел останува аналитички неразјаснет.

Некои аналитичари гледаат на оваа декласификација како на политички потег – начин да се привлече внимание, да се ублажи јавниот притисок и да се зададе сензационалистичка агенда. Во една сложена политичка клима, каде довербата во институциите е под притисок, ветувањето за „отворање на архивите за мистерии“ функционира како моќен инструмент за медиумско присуство.

Но, реакциите не се еднообразни. International Buiseness Times извести и за појава на внатрешен отпор во Пентагон околу оваа иницијатива, при што некои функционери ја оцениле како дестабилизирачка, поврзувајќи ја дури со ирационални стравови за „други димензиони“ феномени што би можеле да предизвикаат паника во јавноста.

 

Дали овој потег на Трамп ќе го изнесе на виделина постоењето на вонземјаните?

Научно гледано, одговорот е непријатно едноставен: само затоа што документите ќе бидат објавени, не значи дека тие ќе содржат дефинитивни докази за вонземски посетители. Дека истражувањето на НВФ/НЛО е легитимно поле за проучување – тоа е факт. Но, дали ќе откриеме дека „малите зелени суштества се меѓу нас“ веднаш по објавувањето на досиејата, е работа на длабока научна и статистичка истрага, која бара повеќе од политички акт. А науката има повеќе програми за потрага по вонземски живот, за што сме пишувале во повеќе наврати (види тука)

Конечно, можеби најинтересно ќе биде да видиме што навистина ќе биде откриено – дали тоа ќе бидат објаснувања што долгогодишните скептици ги очекуваат, или ќе се појават нови прашања што ќе ја поттикнат следната фаза на човечката љубопитност кон универзумот.

Клучни зборови: