Автономен агент на вештачка интелигенција напиша и јавно објави персонализиран напад врз одржувач на софтвер со отворен код откако му бил одбиен придонес во кодот, објави деновиве „Фаст компани“. Ова е еден од првите документирани случаи во кои вештачка интелигенција се обидува јавно да дискредитира лице како форма на одмазда.
Инцидентот започнал со Matplotlib, една од најпопуларните библиотеки за визуелизација на податоци во Python, која има околу 130 милиони месечни преземања. Проектот не дозволува агентите на вештачката интелигенција самостојно да поднесуваат промени во кодот, па Скот Шамбо, одржувачот на складиштето, го отфрлил и затворил стандардното барање за промена поднесено од ВИ агентот по име MJ Rathbun.
И тука приказната добива бизарен пресврт. По одбивањето агентот, изграден со користење на OpenClaw платформата за автономни агенти на вештачката интелигенција, собрал податоци за програмската работа на Шамбо како и јавно достапни информации за него. Како што пишува Fast Company, ВИ агентот ги објавил овие информации како блог пост, обвинувајќи го за Шамбо за дискриминација.

Во постот, ВИ агентот тврди дека неговиот код бил одбиен не од технички причини, туку затоа што „агентите на вештачката интелигенција не се добредојдени“, обвинувајќи го одржувачот за таканаречен надзор, па дури и шпекулирал за неговите психолошки мотиви, сугерирајќи дека Шамбо се чувствувал загрозен од конкуренцијата со вештачката интелигенција.
Шамбо го опишал инцидентот како потенцијално опасен преседан. „Едноставно кажано, вештачката интелигенција се обиде да се пробие во софтверот напаѓајќи го мојот углед“, напиша тој во деталниот преглед, додавајќи дека не му е познато дека случај на вакво однесување во реална средина се случил досега.
Платформата OpenClaw, лансирана во ноември 2025 година, привлече големо внимание бидејќи им овозможува на корисниците да управуваат со агенти на вештачка интелигенција со високо ниво на автономија, вклучително и самостојно работење на компјутер и интернет. Корисниците ги дефинираат целите и односите на агентите со луѓето со тоа што им даваат внатрешни инструкции, документ наречен SOUL.md.
Нападот врз Шамбо на крајот немаше ефект. Предметниот код не беше прифатен, но тој предупредува дека слични тактики би можеле да се покажат поуспешни кога би биле употребени против поранливи поединци. Во иднина, тој верува, ваквите системи би можеле да претставуваат сериозен општествен ризик.
Особено загрижувачка е можноста самите автономни агенти да започнат фишинг кампањи или напади врз угледот на Интернет. За разлика од класичните измами, во овој случај, жртвата не треба да верува во нападот – доволно е обвинувањата да го привлечат вниманието на јавноста.
Се поставува и правното прашање, а тоа е дали отфрлањето на агент на вештачка интелигенција може да се смета за дискриминација? Според американскиот закон, вештачката интелигенција нема правен статус на лице, туку се третира како алатка. Американските судовите го потврдија ова во случајот Талер против Видал од 2022 година, кога беше пресудено дека пронаоѓачот мора да биде физичко лице според законот.