Во ера кога интернетот навидум „памети сè“, парадоксот е што најбрзо ги губиме локалните сеќавања. Сајтовите згаснуваат, линковите се заменуваат со порака „404“, а дигиталните архиви исчезнуваат побрзо од пожолтените страници на старите весници. „ВБУ Музички регистар“ беше токму тоа - бастион на податоци за македонската музичка сцена. Кога сајтот престана со работа, остана празнина.
Но, неодамна, таа архива прозборе. И тоа буквално.
Запознајте го „Духот на ВБУ Музички регистар v. 0.5“. Ова не е обичен чет-бот, туку веројатно еден од попаметните примери за примена на вештачка интелигенција за зачувување на културното наследство што сме ги виделе на домашната сцена.
Што е всушност „Духот“?
Проектот, зад кој стои Васил Буралиев, користи напредна GPT технологија, но со една клучна разлика: моделот е „напоен“исклучиво со валидни, домашни податоци - над 1500 написи, интервјуа и топ листи од архивата на регистарот (2012–2024). Во најава е и верзија која ќе ги искористи и скеновите од 54 стари печатени медиуми од 1946 до 2019 година.

Лекција за „Емитер“: од рачна работа до АИ решение
Овој концепт е директен одговор на проблемите со кои се соочуваат сите архивари, вклучително и тимот на „Емитер“. Слично како што истражувањето на „Арно.мк“ го оттргна од заборав фактот за изложениот модул на „Аполо 10“ во Скопје (1970), така и 30-годишната архива на „Емитер“ крие непроценливо техничко богатство.
Веќе подолго време постои идеја за своевидна „Школа за електроника“ од статиите на „Емитер“ – база на информации за почетници во електрониката. Но, рачното внесување на илјадници страници е сизифовска работа за која никогаш нема доволно ресурси. Моделот на ВБУ покажува дека решението е тука: специјализиран АИ модел може да се „нахрани“ со дигитализираната архива и да стане експерт за три децении македонска наука пренесена преку „Емитер“. Тоа е поелегантно, побрзо и поефикасно решение.
Нацрт за иднината: од Државен архив до музејски водич
Овој проект е совршен „proof of concept“. Што ако истата технологија се примени на Архивот на град Скопје или Државниот архив? Замислете да можете да правите „муабет“ со сите броеви на „Нова Македонија“ од 1963 година, истражувајќи не само имиња (GPT модел не е ctr+F!), туку концепти и општествена атмосфера.
Визијата оди и понатаму. Во иднина, оваа технологија би можела да се спои со монументалната приватна архива на Тошо Филиповски (Македонска рок енциклопедија). Во неодамнешен разговор со Арно.мк, и самиот Филиповски ја препозна оваа можност. Тоа би била ултимативната симбиоза: технологијата на Буралиев и тимот на ВБУ (пред се Златко Ангелески), напоена со фанатичната архива на Филиповски.
А зошто да не и чекор понатаму? Замислете физички Музеј на македонската музика (нешто за што Филиповски се залага со години наназад), каде наместо тишина, ве пречекува роботизиран водич напоен со овој АИ модел. Тој би ви пуштал демо-снимки, би раскажувал анегдоти и би одговарал на прашања како „кој свирел бас во „Архангел“ во 1993 година?“.
Кога имаме вакви луѓе и ваква технологија, навистина – Sky is the limit!