Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска пред неколку дена одржа прес-конференција на која го презентираше годишниот План за изградба на енергетски објекти во Рeпублика Македонија (РМ) за 2026 година.
Беше изјавено дека, во рамки на Годишниот план за 2026 година, до Министерството биле доставени вкупно 284 иницијативи од заинтересирани инвеститори, по јавен повик објавен во септември 2025 година. По спроведена постапка на проверка и евалуација, изработена е ранг-листа, при што се прифатени 67 иницијативи за изградба на нови енергетски објекти за производство на електрична енергија.

Прифатените проекти опфаќаат:
• 59 фотонапонски електроцентрали со вкупна инсталирана моќност од 3014 MW и проценета инвестиција од 2 110 000 000 евра,
• 7 ветерни електроцентрали со вкупна моќност од 908 MW и инвестиција од 1 180 000 000 евра,
• 1 когенеративна гасна електроцентрала со инсталирана моќност од 495 MW и инвестиција од 445 500 000 евра.
Вкупната инсталирана моќност на објектите опфатени со Планот изнесува 4417 MW, а вкупната проценета вредност на инвестициите е 3 735 000 000 евра.

Во Планот се вклучени 77 интегрирани и 19 самостојни системи (батерии) за складирање на електрична енергија со вкупна моќност од 2027 MW, капацитет од 4960 MWh и проценета инвестиција од 1 984 000 000 евра.
Дополнително во Планот се вклучени 56 фотонапонски електроцентрали во седум единици на локалната самоуправа со инсталирана моќност од 52 MW и 61 складиште со вкупна моќност од 27,7 MW.
Планот содржи анализи на МЕПСО АД и Електродистрибуција ДООЕЛ со пресметки за инвестициски трошоци и рокови за приклучување на новите енергетски објекти, вклучително и потребите од дополнителни мрежни инвестиции, соодветно на новите енергетски објекти.
Меѓу другото, министерката спомнува енергетска сигурност и долгорочна визија во енергетиката.
РМ нема извори на нафта и гас, а резервите на јаглен (лигнит со низок квалитет) се веќе исцрпени. Во врска со тоа, термоелектраните во РЕК Битола работат со чести застои бидејќи имаат многу стара опрема, а бидејќи нема доволно јаглен, извесно количество се увезува со што производството на електрична енергија е нестабилно и со повисока производна цена. Хидроелектраните во РМ произведуваат околу 25% од потребната потрошувачка. Но последниве години има масовно инсталирање на фотонапонски панели, најмногу за соптвени потреби на компаниите и институциите, а вишокот се предава во електромрежа за други корисници.
Во ваква ситуација на енергетскиот сектор во РМ инвестицискиот циклус објавен во Планот на Владата е добродојден. Со тоа ќе се зголеми производството на електрична енергија во земјата со што ќе има извесно подобрување во снабдувањето. Иако во соопштението не е наведено, претпоставувам дека потенцијалните инвеститори се претежно приватни компании кои ќе ја продаваат електричната енергија на отворен пазар или со директни спогодби. Но заради големиот број на фотонапонски централи и соодветно големото производство на електрична енергија од сонце (и ветер) се очекува цената да опаѓа. Друго, тоа е производство од обновливи извори на енергија, а тоа е голема предност од многу аспекти. Неповолна страна е што тоа производство не е стабилно (кога нема сонце и ветер). Но во извесна мера ќе бидат добродојдени инвестициите во системи за складирање (батерии) од над 2000 MW.
Во врска со планот за изградба на една гасна когенеративна електроцентрала со инсталирана моќност од 495 MW (445 500 000 евра), не е наведено кој е инвеститор и дали ќе има јавно-приватно партнерство. Ако е тоа приватна фирма, оваа инвестиција ќе биде слична или скоро иста како когенеративната централа “ТЕ-ТО“ која што работи во Скопје од 2012 година и која ја продава електричната енергија на отворен пазар. Но бенефит ќе биде производството на топлинска енергија која ќе се користи за топлификација на градот, а со тоа ќе се намали загадувањето на воздухот.
На прашање на новинарите за ХЕЦ Чебрен министерката Божиновска изјавила дека е најдобро проектот да биде наш (државен), но треба да се види дали е тоа реално бидејќи станува збор за над милијарда евра. За еден или два месеца ќе се знае дали ќе биде целосна државна инвестиција или ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство. Јас ја охрабрувам министерката Божиновска да опстои на нејзината изјава ХЕЦ Чебрен да биде државна инвестиција (или најмалку 51%). Покрај потребата од стабилно производство на електрична енергија, овој проект е важен за големиот регион Тиквеш и за водоснабдување, наводнување во земјоделството и адаптацијата кон климатските промени. За ваков тип на инвестиција може да се добие многу поволен кредит со долг период на отплата и неколку години грејс период.
На крај да резимирам: Планот на владата за изградба на енергетски објекти ќе има позитивни ефекти, но треба и понатаму да се подобрува базното производство на електрична енергија.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје