Рубрика: Климатологија
Носат ли обилните врнежи позитивни промени за Преспанското езеро?
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 26.01.2026 - 23:15

Влажната сезона годинава настапи околу 1 ноември, еден месец порано отколку претходните години. Настапи силно, со обилни дождови, кои во два брана донесоа околу 280 mm воден талог, што придонесе за покачување на нивото на Преспанско Езеро за дури 73 cm. Споредувајќи ги висините на овие два водени столба и земајќи ја предвид моменталната површина на езерото од околу 253 квадратни километри, ја пресметуваме површината на сливот од каде езерото се напојува со вода: (73/28-1)*253 = 406 квадратни километри.

До почеткот на сувата сезона на почетокот на јуни се очекува нивото да се покачи за уште 20-25 cm, доколку зимата биде просечно влажна, односно најмалку до кота -580 cm. Тоа ќе биде повеќе од доволно за да следниот декември езерото не постигне нов рекорден минумум, како годинава, кој изнесуваше -673 cm.

Покачувањето на нивото од 73 cm за само два месеци е рекордно големо и незабележано во изминатата деценија, но тоа сепак не е доволно за да го преобрати надолниот тренд во нагорен. Дури и да се покачи за уште 25 cm до почетокот на сувата сезона, сепак ќе биде покусо за 15 cm во однос на истиот месец, две години претходно.

Моментално езерото ја надоместува огромната загуба од претходните две лета и претходната зима, но со тоа само ќе фати чекор со 60-годишното просечно темпо на намалување од 18 cm годишно. За да забележиме пресврт, потребно е да врне како зимава во наредните неколку години, што е малку веројатно во контекст на глобалното загревање.

Сепак, добро е што подвижните разлики на нивото за 365 дена (прикажано на дијаграмот подолу) за прв пат се позитивни (+29 cm) после многу долго време, кога просечно изнесуваа околу -20 cm годишно. Со други зборови, денес нивото е повисоко за 29 cm во однос на истиот датум минатата година. Прв пат после многу години забележуваме зголемување на нивото во однос на истиот датум една година претходно, но тоа е само исклучок што го потврдува правилото.

Да заклучиме, иако последните врнежи беа значајни за сезонава, долготројниот тренд на намалување останува ненарушен и прогнозите за во иднина засега остануваат негативни.