Рубрика: Омнибус
Македонија и космосот: зошто образованието мора да погледне нагоре
Објавено на 14.01.2026 - 12:15

Космосот одамна не е далечна фантазија. Сателитите го следат времето и климата, обезбедуваат интернет и навигација, а космичките технологии се основа на дигиталната економија. Космичките науки се дел од МИНТ образованието (Математика, Инженерство, Наука и Технологија) и се користат како платформа за развој на критичко мислење, интердисциплинарно учење и климатска писменост. Тие создаваат фундаментално знаење, но и практични технологии со директна примена во секојдневниот живот.

Во следниот период светот ќе биде сведок на повеќе историски мисии: НАСА ќе ја лансира ВЕРИТАС за проучување на Венера; програмата Артемис ќе го врати човекот на Месечината и ќе започне изградба на вселенска станица „Порта на Месечината“; Европската вселенска агенција ќе ја реализира мисијата Џус кон Јупитер; Кина ќе гради база на Месечината и ќе спроведе мисии за враќање примероци од Марс. Се планира и првата човечка мисија на Марс. Прашањето е едноставно: зошто македонските ученици и студенти би биле исклучени од оваа авантура на човештвото?

Голем број држави веќе го препознале значењето на космичкото образование. САД, Кина, Русија, Индија, Бразил, сите земји членки на Европската унија и Европската вселенска агенција активно го интегрираат космосот во своите образовни системи. Дури и помали држави како Луксембург, Словенија и Црна Гора покажуваат дека големината не е пречка: Црна Гора неодамна успешно го лансираше својот прв сателит „Луча“.

ГНКА предлага конструктивни измени кои не бараат задолжителни финансиски обврски, туку создаваат рамка за идно планирање. Меѓу нив се: вклучување на космосот во визијата на стратегијата, дефинирање на поимник за космичко образование, зајакнување на капацитетите на универзитетите, пилот-интеграција во средното образование и постепено воспоставување астрономска опсерваторија при Природно-математичкиот факултет. Космосот се предлага и како хоризонтална алатка за развој на дигитални вештини, климатска писменост и еколошка свест.

Македонија веќе ја има препознаено вселената како тема во предлог-Националната програма за научно-истражувачка дејност, преку учеството во програмата „Хоризонт Европа“. Но без интеграција во образовната стратегија, ова останува изолиран напор. Со прифаќањето на предложените измени, нашите ученици и студенти ќе добијат пристап до космичко образование и науки, исто како нивните врсници од развиените држави. Тоа ќе ја отвори вратата за меѓународна соработка, нови истражувачки проекти и иднина во која Македонија ќе биде дел од глобалната космичка заедница.

Космосот не е само прашање на наука, туку и на идентитет и иднина. Тој е симбол на човечката љубопитност и стремеж кон непознатото. Интеграцијата на космичкото образование во стратегијата е превентивна и идно-ориентирана мерка која ќе им овозможи на младите генерации да бидат дел од највозбудливата научна приказна на 21 век – истражувањето на космосот.

Во прилог подолу се соопштението за јавност и медиуми на Македонското космичко друштво при Меѓународното космичко движење (МКД) – Битола и канцеларијата на Граѓанско-научната космичка агенција на Македонија (ГНКА), како и нивниот предлог за измени и дополнувања на Националната стратегија за образование 2026-2032, доставен како поднесок до надлежните институции

Клучни зборови: