Рубрика: Астрономија и астронаутика
Мистериозна структура околу мртва ѕвезда ги збунува астрономите
Објавено на 12.01.2026 - 14:45

Астрономите од Европската јужна опсерваторија (ESO) открија необична структура околу бело џуџе – остаток од ѕвезда што одамна го завршила својот животен циклус. Откритието е направено со VLT телескопот (Very Large Telescope) во Чиле и отвора нови прашања за тоа како ваквите ‘мртви’ ѕвезди влијаат врз просторот околу себе.

Белите џуџиња се мали, но исклучително густи ѕвезди. Во последната фаза од нивниот животот на ѕвезди тие имаат големина слична на Сонцето. Откако ќе го потрошат своето гориво, ѕвездите ги исфрлаат надворешните слоеви и останува само жешкото, компактно јадро. Вообичаено, ваквите објекти се релативно ‘тивки’ и не креираат спектакуларни појави.

Затоа откритието на структура налик на ударен бран околу бело џуџе RXJ0528+2838 претставува големо изненадување. Структурата има форма слична на лак односно полукруг од гас и прашина, која вообичаено настанува кога некој објект се движи низ меѓуѕвездениот простор и го „турка“ материјалот пред себе – слично како што се создаваат брановите пред крмата на брод.

Ваквите ударни брани најчесто се поврзуваат со млади, активни ѕвезди или со системи во кои една ѕвезда ‘краде’ материјал од друга. Во тие случаи, материјалот формира диск околу ѕвездата и потоа се исфрла во форма на брзи ветрови. Но, кај RXJ0528+2838 нема видлив акреционен диск, што значи дека недостасува клучниот елемент кој, според теоријата, треба да ја создаде ваквата структура.

Дополнително, набљудувањата покажуваат дека оваа бранова форма постои веќе најмалку илјада години, што укажува на долготраен и стабилен процес – нешто што досега не било предвидено за ваков тип ѕвезда.

Една од идеите што ја разгледуваат научниците е улогата на силните магнетни полиња. Некои бели џуџиња имаат екстремно моќни магнетни полиња, кои можат да насочуваат материјал и да создаваат изливи дури и без класичен диск. Таков процес би можел да ја ‘надополнува’ ударната бранова структура што ја гледаме.

Сепак, ни ова објаснување засега не ги покрива сите детали. Истражувачите сметаат дека постои механизам што сè уште не е целосно разјаснет, а кој им овозможува на некои мртви ѕвезди да бидат многу поактивни отколку што се мислело досега.

Ова откритие покажува дека дури и добро проучените космички објекти можат да кријат изненадувања. Ако белите џуџиња можат да создаваат вакви структури, тоа значи дека нивното влијание врз меѓуѕвездениот простор е поголемо отколку што се претпоставувало.

Со идните набљудувања и со нови телескопи, како ELT (Extremely Large Telescope), астрономите се надеваат дека ќе откријат уште вакви примери и ќе ја пополнат празнината во нашето разбирање на животот (но и ‘задгробниот живот’) на ѕвездите.

Клучни зборови:

Централната квадратна слика, направена со инструментот MUSE на VLT телескопот на ESO, покажува ударни бранови околу мртвата ѕвезда RXJ0528+2838. Слика: ESO/K. Iłkiewicz и S. Scaringi et al. Заднина: PanSTARRS

Централната квадратна слика, направена со инструментот MUSE на VLT телескопот на ESO, покажува ударни бранови околу мртвата ѕвезда RXJ0528+2838. Слика: ESO/K. Iłkiewicz и S. Scaringi et al.