Ерих фон Деникен, најпознатиот ‘пророк’ на теориите за ‘древни астронаути’ и посети на вонземјани на Земјата во минатото, почина на 10 јануари 2026 година, на 90-годишна возраст, во болница во централна Швајцарија, потврди неговото семејство.
Фон Деникен, роден 1935 година како Ерих Антон Паул фон Деникен во Зофинген, Швајцарија, ќе остане запаметен по неговите контроверзни, но светски читани дела во којишто ја промовираше идејата дека древни, технолошки напредни вонземјани ја посетиле нашата планета и имало огромно влијание на човечката култура.
Неговиот прв бестселер “Кочии на боговите” (Chariots of the Gods?) од 1968 година, тврди дека архитектонските чуда од древниот свет, како пирамидите во Египет и Наска геоглифите, не можеле да бидат создадени без некој надворешен ‘чудесен’ уметнички и технолошки поттик. Книгата стана глобален феномен и ја охрабри јавната фасцинација за мистериозното и непознатото.

Неговите дела, вкупно околу четириесетина напишани во распон од 1968 до 2022 година, во кои тој тврди дека древните митови и религиозни текстови всушност сведочат за влијанија од други светови, доживеале мноштво изданија, преведени се на десетици јазици и се продадле во преку 70 милиони копии, но истовремено се и остро критикувани од научната заедница како псевдонаучни и псевдоархеолошки конструкции. Во оваа насока ве упатуваме да ја разгледате дебатата “Мистеријата наречена НЛО” што на страниците на ЕМИТЕР ја водеа Стојмир Симјаноски и Владимир Филевски, а неговите теории се дискутирани и разобличувани и во други дебатни серијали во рубриката На граница на науката.

Фон Деникен не беше академски истражувач. Пред да стане автор тој работел како келнер и менаџер на хотел, а во почетокот на кариерата доживеал и казни за финансиски злоупотреби. Но, тоа искуство не го спречи да се посвети на помовирање на неговата идеја за древна посета од вонземски цивилизации.
За неговите приврзаници, тој беше визионер кој поставува темели за едно сосема различно толкување на човековата историја претставена како дел од космичката мистерија. За критичарите, неговата кариера беше пример за опасностите од мешање фантазија со науката.
Со смртта на фон Деникен завршува ерата на популаризирање на едни од најспорните идеи за потеклото и развојот на човештвото — идеи што ќе продолжат да провоцираат, инспирираат и поделуваат јавноста и научната мисла.