Рубрика: Енергетика
Aерозагадување на градовите и решенија како да се намали и отстрани (3)
Автор: Ристо Цицонков
Објавено на 05.01.2026 - 13:00

Во претходните две колумни објавени пред неколку дена беше нагласено дека главна причина за аерозагадувањето во Скопје и други градови во Република Македонија е греењето на домаќинствата и други објекти во кои престојуваат луѓе. Исто така, беа разгледани опциите за греење со огревно дрво и со градска топлификација. Во ова продолжение ќе бидат разгледани можностите за греење со природен гас и со топлински пумпи.

 

Греење со природен гас

Во јавноста има погрешна перцепција дека природниот гас е еколошко гориво. Тоа не е точно бидејќи гасот е фосилно гориво со чие согорување се емитува јаглерод-диоксид кој е главен причинител на климатските промени. Но, факт е дека нема локално загадување. Во многу европски и други развиени земји употребата на природен гас е забранета во новите системи за греење на зградите.

Природниот гас е пристигнат до градот Скопје во 1998 година. Први корисници што се приклучуваа беа само големи потрошувачи во Скопје во индустријата, а потоа и некои јавни објекти. Но, работите застанаа и гасот не влезе во масовна употреба. Долги години гасоводот беше користен со 10 до15% од номиналниот капацитет, бидејќи не беше изградена дистрибутивна мрежа до потенцијалните потрошувачи. Искористеноста на гасоводот порасна на околу 35 до 40% по изградбата на „Те-То“, што значи сѐ уште е многу под номиналниот капацитет.

Стилски камин на плин како гориво

Бидејќи во Република Македонија (РМ) годишно умираат околу 4000 луѓе (од официјални извори) како последица на загадениот воздух, сите претходни влади и управи на градот Скопје од 1998 година наваму треба да се засрамат, а функционерите од тоа време да бидат подалеку од политиката.

Во 2015 година почна, а до 2022 година требаше да биде изградена магистрална гасоводна мрежа скоро до сите градови во Македонија, но таа работа не е завршена и мрежата не се користи иако до сега се потрошени над 143 милиони евра. За причините може повеќе да се дознае од соопштението на Државниот завод за ревизија.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека на 12 јануари ќе има состанок на кој дефинитивно ќе бидат констатирани приоритетите со сопственикот и менаџментот на компанијата „Акса“ за најавената инвестиција од една милијарда евра во гасификација и конечно да се почне со камен-темелник на есен оваа година. Тој изјави дека е направена физибилити студија од реномирана светска куќа, дека параметрите се јасни и приоритетите се дефинирани. Предвидено е изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи со 500 мегавати инсталиран капацитет.

Додека не ги видиме деталите на планот на оваа инвестиција, не можам да ги коментирам техничките можности на овој систем за гасификација. Но уште еднаш ќе напомнам: когенеративните централи да бидат најмалку со 51% државна сопственост бидејќи е многу важно да имаме сопствено производство на базна електрична енергија. Во спротивно, странскиот инвеститор ќе ја продава електричната енергија на отворен пазар, а тоа е многу висока цена по која РМ ќе ја купува струјата произведена во сопствената земја. Со оглед и на ранливата состојба во РЕК Битола, постои ризик за енергетска безбедност на земјата.

Во секој случај, штом биде изградена дистрибутивна мрежа за гас, пожелно е оние корисници што користат мазут, нафта и огревно дрво да преминат на користење гас ако имаат услови за тоа.

 

Греење со топлински пумпи

Од сите претходни опции за греење на домаќинствата и други објекти најбрзо решение на проблемот со аерозагадување е греењето со топлински пумпи. За нив сум пишувал неколку пати во минатото, но еве на кратко повторно ќе ги опишам нив и нивната примена бидејќи и населението и надлежните институции не се доволно запознати со нивните можности.

Поимот топлинска пумпа најчесто се сфаќа само како клима уред за греење, но топинските пумпи ги има во разни изведби, примени и со разни големини на топлински капацитети. Топлинската пумпа е уред кој одзема топлина од околината (воздух, вода, земја) и ја предава на средина со повисоко температурно ниво за греење на простории. Најважен е фактот што топлинските пумпи трошат 3 до 5 пати помалку електрична енергија во споредба со греалките и печките со електро-отпорни грејачи.

Отворен систем вода – вода

Во зависност од средината од која се одзема топлина (т.н. топлински извор) и од средината во која се предава топлината постојат следниве изведби на топлински пумпи:
• воздух-воздух (одзема топлина од околниот воздух; се предава топлина во просторија);
• воздух-вода (одзема топлина од околниот воздух; се предава топлина на вода за греење);
• вода-вода (одзема топлина од вода; се предава топлина на вода за греење).

Најприменети се топлинските пумпи воздух-воздух, всушност тоа се клима уредите кои служат и за ладење во летниот период. Кај топлинските пумпи воздух-вода и вода-вода додатен бенефит е добивањето на санитарна топла вода и тоа со 4 до 5 пати помала потрошувачка на ел. енергија во споредба со конвенционалните ел. бојлери. Постојат топлински пумпи со поголем капацитет од неколку десетици или стотици киловати наменети за централно греење (и ладење) на разни видови згради, како и со капацитет од неколку мегавати наменети за топлификација на поголеми населби и реони. И уште еден позитивен факт: при работа на топлинските пумпи нема штетни емисии на гасови, значи нема ниту локално загадување. Ако се земе предвид дека во тек е енергетска транзиција кон користење на ел. енергија од обновливи извори, тогаш се добива греење со нула емисии на стакленички гасови. Од тие причини, Меѓународната агенција за енергија (IEA) објави дека греењето на просториите (и за други намени во индустриите) во иднина ќе се одвива главно со топлински пумпи како замена на фосилните горива (јаглен, нафта и гас).

Има разни можности при примената на топлинските пумпи бидејќи постојат разни решенија кај внатрешните единици: ѕидни, тавански, тавански во спуштен плафон, вертикални конзолни и стоечки на под. На пример, со една надворешна единица може да се поврзат две или повеќе внатрешни единици со разни положби. Со тоа се овозможува оптимално да се грее (и лади) една или повеќе простории со што се постигнува и поголема удобност за луѓето. Топлинските пумпи воздух-вода се идеални за индивидуално централно греење (и ладење).

Владата и некои општини даваат делумни субвенции за клима уреди, но на симболичен број на корисници. Според мене, Владата треба да помага (финансира) промоции на примената на топлински пумпи преку јавните медиуми.

Ако се разгледаат решенијата за греење наведени и кратко опишани во оваа и претходните две колумни, ќе се види дека проблемот со аерозагадувањето може бргу да се надмине на неколку начини без да се чека изградба на гасни когенеративни централи. Во тој контекст особено ја истакнувам широката примена на топлинските пумпи.

Заради локалното загадување и климатските промени, греењето на зградите и во индустријата стана комплексен проблем за кој треба стручен тим со искуство и нови знаења. Дали ги имаме?

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје

Клучни зборови:
Стилски камин на плин како гориво

Стилски камин на плин како гориво

Отворен систем вода – вода

Отворен систем вода – вода