Од печат излезе книгата „Радиоаматерство“ од авторот Владимир Ковачески - Z35M, во издание на „Емитер“, токму кога списанието прославува 30-годишен јубилеј. Станува збор за една од ретките книги од македонски автор целосно посветена на радиоаматерството како хоби активност.
Во годината кога се одбележуваат 80 години од почетоците на радиоаматерството во Македонија, за првпат се појавува книга на македонски јазик што посеопфатно ја обработува оваа област, со што изданието претставува значаен чекор во документирањето и популаризирањето на радиоаматерската активност кај нас и добива особено значење за домашната радиоаматерска заедница, и покрај тоа што во светот постојат бројни книги посветени на радиоаматерството.

Радиоаматерството во книгата е прикажано на технички едноставен и разбирлив начин, со јасен акцент на радиооператорството, што ја прави особено пристапна за читателите кои првпат се среќаваат со оваа активност.
Книгата првенствено е наменета за радиоаматери почетници, но и за пошироката читателска публика заинтересирана за радиокомуникациите и радиотехниката. За поискусните радиоаматери и радиоклубовите, таа претставува вредно пишано сведоштво за развојот на радиоаматерството во Македонија, како и систематизиран материјал на македонски јазик кој може да се користи како дополнителен материјал при радиоаматерски обуки и јавни презентации.
Авторот Владимир Ковачески е еден од најактивните радиоаматери во Македонија, со континуирана активност подолга од четири децении. Има одржано 600.000 радиоврски со радиоаматери од целиот свет, како и остварени 1300 портабл активирања. Во Емитер во континуитет објавува од 1996 година, каде што водел радиоаматерска рубрика и има објавено бројни прилози, а повремено пишува и за странски радиоаматерски списанија. Автор е на книгата „Герила портабл – радиоаматерски активности на отворено“, која што е достапна и на англиски јазик.
Книгата „Радиоаматерство“ може да се набави преку e-продавницата на Емитер, како издание во црно-бел печат по цена од 300 денари (тука) или во издание со фотографии и илустрации во боја по цена од 500 денари (тука)