Рубрика: Телекомуникации
'Од визија кон акција' - трета АмЧам годишна конференција за дигитализација
Објавено на 10.12.2025 - 19:15

Денеска во Скопје се одржа третата годишна конференција за дигитализација во организација на Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) со работен наслов „Од визија кон акција: Креирање на систем што испорачува“, акцентирајќи ја темата за потреба од дигитална трансформација која е практична, безбедна и функционална.

Конференцијата ја отвори Славко Пројковски, член на Одборот на директори на АмЧам, кој ја даде и рамката на самата конференција истакнувајќи дека иако нашите животи секое утро почнуваат пред екран, тоа не значи дека сме дигитално напредни. Пројковски нагласи дека вистинската дигитализација не смее да создаде „10 дигитални чекори таму каде што претходно имало 10 хартиени“. Таа мора да ја отстрани бирократијата, да ги решава секојдневните проблеми, да штеди време и да гради доверба.

Пораките од воведниот дел се надоврзаа и со излагањето на клучниот говорник Стивен А. Њутон од  „MITRE Corporation“, кој истакна дека вистинската дигитална трансформација може да успее само доколку се гради врз силни институции, со јасни правила на управување и стабилни кибер-безбедносни стандарди.

Њутон предупреди дека технологијата напредува со голема брзина, но институционалните промени одат многу побавно, па затоа државите мора да развијат капацитет да управуваат со ризици, да координираат меѓу институциите и да создаваат доверливи системи на податоци. Говорникот исто така посочи дека Македонија има шанса да биде пример за земја која успешно ги спојува европските и американските дигитални стандарди - преку транспарентни, интероперабилни и инклузивни решенија што овозможуваат сигурно користење на новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција.

Во продолжение на агендата, низ пет панел-дискусии, беа опфатени клучните приоритети на националната дигитална агенда. Во дискусиите учествуваа носители на политики, регулатори, преставници на бизнис-заедницата и технолошките компании, кои преку свои перспективи ги разработија најважните системски реформи што треба да ја придвижат државата напред кон дигитална зрелост.

Првата тема беше насочена кон дигиталната трансформација на системите за јавни приходи, каде директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, и претставникот на „PwC Унгарија“, Норберт Тот, говореа за придобивките од е-фактурирањето и фискализацијата во реално време, со практични примери и насоки за идната имплементација.

Следеше панел-дискусија каде министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, заедно со Методија Мирчев од А1 и Дамјан Манчевски од MAK-SYSTEM, зборуваа за поагилна интероперабилност во рамки на институциите и во односот со бизнис секторот, како и потребата од имплементирање на веќе донесената регулатива и постојната дигитална инфраструктура. Говорниците се осврнаа и на важноста на јасните стандарди, координацијата и заштитата на податоците во создавањето модерни јавни услуги.

Посебно внимание привлече дискусијата за дигитализација и кибер-безбедност во енергетскиот сектор, предводена од генералниот директор на МЕПСО, Бурим Латифи, заедно со Апостолчо Рамов од РКЕ,  Георги Хаџи-Манев од „EVN“, Андреј Петрески од „Cisco“ и Ајри Шеј од „Tessa Group“. Панелистите отворија значајни прашања за модернизација на мрежи, „smart-grid“ решенија, дигитален мониторинг и предизвиците поврзани со новиот Закон за енергетика, со јасен акцент на кибер-заштита на критичната инфраструктура.

Темата на финансискиот сектор и дигиталните иновации беше обработена преку погледите на претставници од клучните институции: Билјана Доновска-Гечева од Народна банка, Беркан Имери од „Халкбанк“, Сандра Томановиќ од „KIBS“ и Марин Пиперкоски од „PaySpot MK“. Тие дадоа осврт на „SEPA“ приклучувањето, развојот на инстант плаќањата и отворањето на пазарот за „финтек“ решенија, како и на усогласувањето со европските стандарди.

Конференцијата заврши со панел кој во фокусот ги имаше начините за финансирање на дигитализацијата, каде Соња Ингилизова од ЕБРД, Мари-Меделин Канелополу од Делегацијата на ЕУ, Верица Хaџивасилева Марковска од програмата „Go Digital“ зедно со Горан Ковачев од Развојната банка и Петре Ламески од „Digitmak“ дадоа преглед на тековните и претстојните фондови, грантови и повици за поддршка на јавните институции и приватните компании.

Со овие теми, АмЧам ја зајакна пораката дека нашата држава има реална основа за системска дигитална промена, но дека следната фаза бара партнерства, дисциплина и практична имплементација за дигитализацијата да стане секојдневна реалност што испорачува резултати.

 

За АмЧам Македонија
Американската стопанска комора во Македонија е бизнис асоцијација на повеќе од 150 членки од најразличен спектар на бизниси, од мали претпријатија и локални компании до големи странски инвеститори, кои заедно обезбедуваат вработување за повеќе од 42.000 лица и остваруваат годишен приход повисок од 9 милијарди американски долари.
Американската стопанска комора во Македонија е акредитиран член на Стопанската комора на Соединетите Американски Држави и на мрежата на Американски стопански комори во Европа, организација која претставува 49 Американски стопански комори од 47 земји во Европа и Евроазија.

 

--- промотивна објава ---

Клучни зборови: