Рубрика: Информатика
Гулаби-шпиони на далечинско управување?!
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 04.12.2025 - 13:00

Руска компанија претстави шпиони–гулаби кои можат да се контролираат од далечина преку мозочни импланти.

Московската невротехнолошка фирма Неири (Neiry) објави на нивната веб-страница дека може по желба да насочува цели јата птици, коишто ги нарекува ‘биодронови’. Станува збор за гулаби (PJN-1), со хируршки имплантирани невронски чипови што им овозможуваат на операторите да ги контролираат нивните рути на лет.

Птиците можат да се контролираат од далечина, во реално време, а операторите можат да им пренесуваат команди за летот со стимулирање на специфични региони од мозокот. Гулабот потоа “верува дека сака да лета“ во посочената насока, велат од компанијата Неири, чиј проект е финансиран од рускиот државен фонд за национална технолошка иницијатива НТИ.

Операцијата вклучува вметнување електроди во мозокот со милиметарска прецизност, а птиците потоа носат мали соларни “ранци” со вградена електроника, GPS следење и приемник кој испраќа сигнали до невронскиот имплант.

Компанијата Неири тврди дека “не е потребна обука”, при што наведува дека по операцијата секое животно може да се контролира од далечина, а нивните шпионски гулаби се способни да летаат 500 километри дневно, или повеќе од 3000 километри неделно.

Видео од конференцијата одржана во понеделникот, на којашто Неири го претставува и проектот "паметни животни". Делот што ве интересира е по 1:12:00

Малку историја

Гулабите се блиски сојузници на луѓето повеќе од еден милениум, па дури и Џингис Кан и Наполеон Бонапарта ги користеле нивните услуги како носители на писма. Иако тие воглавно биле ангажирани како курири кои носеле пораки напишани на хартија прикачени на нивните нозе во специјални торбулиња, во 1907 година германскиот пронаоѓач Јулиус Нојбронер бил првиот што ги опремил своите птици со мали камери, а неговиот систем подоцна го користеле многу армии.

Најпознатиот шпионски гулаб во историјата бил Cher Ami, чие име значи “Драг пријател”. Тој го оправдал своето име спасувајќи ги животите на 194 американски војници кои биле изолирани зад непријателските линии за време на офанзивата на линијата Меза-Аргон во источна Франција во 1918 година. Храбриот гулаб изгубил око и нога поради непријателски оган, но продолжил да лета и ја доставил пораката на време, а по Првата светска војна бил награден со францускиот Крст на војната.

Тој почина на 13 јуни 1919 година, од здобиените рани, а постхумно беше награден со Американскиот медал за храброст за животни во војна и мир во ноември 2019 година.

Клучни зборови: