Рубрика: Астрономија и астронаутика
Ново откритие што отвора прашања за животот на Црвената планета
Објавено на 01.12.2025 - 17:00

Приказ на правлива бура на Марс

Научниците за првпат открија електрични празнења на Марс – минијатурни молњи што се јавуваат во облаците од прав и т.н. “прашни ѓаволи“ околу роверот Perseverance. Откритието, објавено деновиве во списанието Nature, решава една од големите мистерии за Црвената планета: потеклото на оксидантите како водород пероксид, кои можат да уништуваат органски траги или да создаваат нови молекули.

Истражувачкиот тим предводен од Батист Шид од Институтот за астрофизика и планетологија во Тулуз пронашол 55 електрични настани во снимки од микрофонот на роверот, собрани во текот на две марсовски години. Секој настан има препознатлив аудио-потпис: краток електронски „прескок“ проследен со слаб шок-бран. За разлика од Земјата, каде молњите се резултат на судир на ледени честички во облаците, на Марс тие настануваат од триење меѓу прашинки – процес сличен на електричните празнења во вулкански облаци на Земјата.

Уметнички приказ на роверот Perseverance во правлива бура на Марс Слика: ВИ

Електричните празнења на Марс не се спектакуларни молњи што пробиваат небо, туку кратки и локализирани искри, често на само неколку метри од роверот. Најсилните празнења биле регистрирани за време на силни ветрови и во близина на прашни ѓаволи – вртлози што подигаат прашина во атмосферата. Во неколку случаи, самото тело на роверот се наелектризирало и празнело во површината.

Физичарот Даниел Мичард од Универзитетот во Кардиф објаснува дека условите за молњи на Марс се многу поразлични од оние на Земјата. Атмосферата на Марс е тенка и составена претежно од јаглерод диоксид, што значи дека „прагот на пробив“ – точката кога наелектризираните честички можат да се празнат – е мошне понизок. Додека на Земјата тој изнесува околу три мегаволти по квадратен метар, на Марс тој е само 15 киловолти. Но, затоа молњите таму се послаби, па повеќе наликуваат на статички шок што го добиваме при триење балон или одење по изолирана подлога.

И покрај нивната слабост, овие празнења имаат значајни последици. Тие можат да создаваат или уништуваат органски молекули, што е клучно за потрагата по траги од живот. Ако оксидантите се концентрирани во области со честа појава на прашни ѓаволи, тоа може да влијае врз шансите да се најдат биосигнатури. На пример, активноста на прашни ѓаволи во кратерот Гусев е дваесет пати поголема отколку во кратерот Језеро, каде што работи Perseverance.

Откритието има и практична димензија. Советскиот ровер Mars 3, кој слета во средина на прашна бура во 1971 година и престана да работи по само 20 секунди, можеби бил оштетен токму од вакви празнења. Денес, микрофонските податоци од Perseverance можат да помогнат во дизајнот на идни мисии – од електронските плочи до вселенските одела за астронаути.

Иако празнењата се премногу кратки и мали за да бидат снимени со камери, научниците се надеваат дека идни високо-брзи инструменти ќе овозможат визуелна потврда. Во меѓувреме, најважно е да се разбере нивната улога во глобалниот прашен циклус на Марс. Електрификацијата на прашината ја олеснува нејзината суспензија во атмосферата, создавајќи позитивна повратна врска. Имено, повеќе прашина во воздухот значи повеќе електрични празнења, што пак помага за кревање на уште повеќе прашина во атмосферата.

Со илјадници локални прашни бури секоја марсовска година, тоа значи дека илјадници километри фронтови можат да бидат „испукани“ со минијатурни молњи. Ова откритие не само што ја менува нашата слика за климата на Марс, туку отвора и нови прашања за хемијата и потенцијалните траги од живот на Црвената планета.

Клучни зборови:
Приказ на правлива бура на Марс

Приказ на правлива бура на Марс Слика: НАСА

Уметнички приказ на роверот Perseverance во правлива бура на Марс

Уметнички приказ на роверот Perseverance во правлива бура на Марс Слика: ВИ