Рубрика: Телекомуникации
Приказната за брилијантниот инженер што го создаде ФМ како технологија
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 17.11.2025 - 11:30

Денеска сите слушаме ФМ радио, но малкумина ја знаат тажната приказна за брилијантниот инженер што го создал ФМ како технологија и за корпоративната мафија што го уништила како човек.

5 ноември 1935 година, Њујорк.

Едвин Хауард Армстронг стоел пред Институтот на радиоинженери со труд насловен „Метод за намалување на пречките во радио-сигнализацијата со систем на фреквенциска модулација“. Потоа ја вклучил својата направа и - просторијата занемела.

Не затоа што ништо не се слушало. Туку затоа што првпат во историјата радиото било тивко. Немало крцкање. Немало шум. Немало изобличување. Само чист, кристален звук. Гласот од звучникот се слушал јасно како човек да стоел во просторијата. Музиката била без шушкање и кркорење, што ги мачеле сите радија од Маркони дотогаш. Армстронг го измислил ФМ радиото и штотуку ги направил сите АМ станици во Америка застарени.

Цртежот на колото за 'повратна врска' на Армстронг, од радио емитувањето том 1 бр. 1 од 1922 година фото: Википедија

Требало да биде негов триумф. Наместо тоа, станало неговата смртна пресуда.

Армстронг не бил некој случаен домашен мајстор. Тој веќе бил еден од најважните пронаоѓачи во историјата на радиото. Во 1912 година го измислил регенеративниот принцип кај приемниците, со што се добиле практични радиоприемници. Во 1918 година го создал суперхетеродинскиот приемник, основа на речиси секое радио и телевизор и денес. Тој го направил радиото функционално кога сите други уште се мачеле со основни работи.

Но, секој негов пронајдок го ставал во судир со корпорациите што го контролирале американскиот радио-пазар: АТ&T, Вестингаус, а особено РЦА, предводена од немилосрдниот Дејвид Сарноф.

Армстронг го објаснува суперрегенеративното коло, Њујорк, 1922 година

Кога Армстронг ја демонстрирал ФМ технологијата во 1935 година, РЦА се нашол во проблем. Тие вложиле милиони во АМ инфраструктура. Ги поседувале патентите, станиците, производството на опрема. ФМ им го загрозуваше сето тоа. И за разлика од неговите претходни пронајдоци, кои можеле да ги лиценцираат или украдат, овој не можел да се контролира. ФМ бил суштински различен, суштински подобар, и го направил нивното царство ранливо.

Затоа го уништиле.

Армстронг ја изградил сопствената мрежа на ФМ станици на фреквенции меѓу 42 и 50 MHz. Функционирала одлично. ФМ станици почнале да никнуваат низ целата земја. Иднината што тој ја замислувал почнала да станува реалност.

Потоа, во 1945 година, по години жестоко корпоративно лобирање, ФЦЦ (Федералната комисија за комуникации) донесла одлука: ФМ радиото ќе се премести во нов појас, од 88 до 108 MHz, каде што се наоѓа и денес.

На хартија, тоа било само техничко прилагодување. Но, во реалноста саботажа. Секој ФМ приемник што Армстронг и неговите поддржувачи го изградиле станале бескорисни преку ноќ. Секоја станица морала да почне да се гради одново. Години инвестиции, илјадници радија, цела мрежа - биле избришани со еден потпис на регулаторот.

ФЦЦ ја ограничил и излезната моќ на ФМ станиците, скратувајќи им го дометот во однос на АМ. РЦА ја туркал телевизијата, прикажувајќи го ФМ како застарена технологија уште пред да добие шанса. И тогаш почнале тужбите - бескрајни, исцрпувачки патентни спорови чија цел не била победа, туку да му ја исцицаат силата, времето и средствата на Армстронг.

Со години се борел. Богатството го потрошил по судови. Здравјето му ослабело. Бракот му страдал поради притисокот. Човекот што трипати го револуционизирал радиото систематски бил уништуван од индустријата што самиот ја изградил.

Армстронг организирал изградба на преносна кула во Алпajн, Њу Џерси, во близина на градот Њујорк, и финансирал работна демонстрација на W2XMN, првата FM радио станица. Антената на W2XMN е монтирана помеѓу горните два слоја, видлива како вертикална линија во горниот десен агол.

Утрото на 31 јануари 1954 година, Едвин Хауард Армстронг го облекол своето палто, шешир и ракавици. Напишал писмо до сопругата Мерион. Потоа го отворил прозорецот на својот стан на 13 кат во Менхетн и зачекорил во празно. Имал само 63 години.

Мерион подоцна ќе каже дека РЦА не му ги одзела само пронајдоците, туку му го одзела животот.

Но едно не успеале да му одземат: самата технологија.

На крајот, ФМ радиото победи. Не затоа што корпорациите го посакуваа, туку затоа што едноставно беше подобро. Денес речиси сите радио-станици емитуваат на ФМ. Секојпат кога слушате музика без шум, секојпат кога свукот доаѓа јасно, секојпат кога вртите од 87,5 до 108 MHz - тоа е Армстронговиот пронајдок.

Тој не го доживеал триумфот. Починал верувајќи дека не успеал, дека корпорациите го победиле, дека неговото животно дело пропаднало.

Се излажал.

Секоја песна што ја слушате на радио чисто, без крцкање, без изобличување, постои затоа што еден брилијантен инженер не прифатил дека шумот мора да постои бидејќи радиото било такво какво што било. Измислил нешто подобро. Го изградил. И кога моќните се обиделе да го погребаат, неговиот пронајдок опстанал.

Едвин Хауард Армстронг ни го подарил звукот на јасноста во свет полн со бучава. Иако корпорациите го замолкнале него, не успеале да го замолчат она што го создал.

Фреквенциите се измениле, а станиците се изградиле повторно. Но секојпат кога го вклучувате радиото и ја слушате музиката како што треба да звучи, вие го слушате наследството на човек кој заслужил многу повеќе од тоа што светот му го дал.

Ако вие или некој ваш близок се бори со мисли за самоубиство, побарајте помош додека има време.

Клучни зборови:
Цртежот на колото за 'повратна врска' на Армстронг, од радио емитувањето том 1 бр. 1 од 1922 година.

Цртежот на колото за 'повратна врска' на Армстронг, од радио емитувањето том 1 бр. 1 од 1922 година.

Армстронг го објаснува суперрегенеративното коло, Њујорк, 1922 година

Армстронг го објаснува суперрегенеративното коло, Њујорк, 1922 година

Армстронг организирал изградба на преносна кула во Алпajн, Њу Џерси, во близина на градот Њујорк, и финансирал работна демонстрација на W2XMN, првата FM радио станица.

Армстронг организирал изградба на преносна кула во Алпajн, Њу Џерси, во близина на градот Њујорк, и финансирал работна демонстрација на W2XMN, првата FM радио станица. Антената на W2XMN е монтирана помеѓу горните два слоја, видлива како вертикална линија во горниот десен агол.