Продажбата на CD форматот доживеа остар пад од 22,4% во вториот квартал од 2025 година во Обединетото Кралство, што ги урна надежите за негово враќање по краткиот раст минатата година. Падот ги повлече надолу и вкупните физички формати, кои се намалија за 14,5% и го поништија растот од првиот квартал.
До средината на годината, продажбата на физичките албуми се намалени за 4,7%, а CD-форматот самостојно бележи пад од 12,8%. Иако CD-ата и понатаму се продаваат во поголеми тиражи од винилот – лани во Велика Британија биле купени 10,5 милиони CD-а наспроти 6,7 милиони плочи – падот покажува дека пазарот е поранлив од очекуваното. Дури и во САД, 45% од возрасните сè уште користат CD, наспроти 21% што слушаат винил, но оваа предност не беше доволна да го стабилизира падот.

Дел од експертите за виновник го посочуваат т.н. ‘Тејлор Свифт ефект’. тоа што нејзиниот албум не излезе во првата половина на 2025 година значително влијаело на вкупната физичка продажба. Во вториот квартал од 2024 нејзиниот албум се продал во преку 180 000 физички примероци во првата недела, од кои повеќе од 109 000 биле CD-а. Тој импулс го подигна целиот квартал. Дури и продажбата на винили од една недела на тој албум била поголема од целокупниот годишен пад на винилот во Q2 2025. Ова ја покажува огромната улога на глобалните поп-ѕвезди во продажбата на физичките формати: нивните објави носат пораст не само за нивните изданија туку и за останатите артисти. Но, отсуството на нов албум од Свифт во тој период го направил падот поочигледен. Винилот исто така забележа забавување и пад од 2,8% на годишно ниво во Q2, а неговиот раст на полугодишно ниво се намали на 6%, споредено со 12,4% во истиот период лани.
Дополнителен проблем е недоследноста во статистиките за пазарот. Luminate известува дека продажбата на CD во САД во 2024 паднала за 19,1%, додека RIAA бележи раст од 3,3% за истиот период. Разликата произлегува од методологијата: Luminate брои реално купени примероци, додека RIAA ги брои испораките од издавачките куќи, без гаранција дека се продадени. Оваа неусогласеност создава несигурност кај трговците, кои не знаат дали навистина вреди да се зголемат залихите или да се печатат нови тиражи. Тука се додава и проблемот со цените: делукс CD-изданијата сè почесто чинат околу 20 долари, без оглед на уметникот, што ги одвраќа купувачите во услови на економски притисок. И кога продажбата по бројки расте, приходот речиси стагнира – во првата половина од 2024 приходите се покачија само за 0,3%, а за целата година само за 1%, до 541 милион долари.

Проблемите со CD форматот се дел од пошироко забавување во музичката индустрија. Во Велика Британија растот на стримингот падна на 6,4% во првата половина од 2025, од 11% претходната година. Винилот, кој долго време беше најсилниот физички сегмент, исто така забавува. Според MIDiA Research, глобалната музичка индустрија влегува во „фаза на ресет“, при што глобалните приходи во 2024 пораснале за само 4,5%, најнизок раст по долг период. Во САД, стримингот остварил 14,9 милијарди долари, а CD форматот само 541 милион – околу 3% од вкупниот пазар. Иако CD нуди висок квалитет на звук и физичко искуство што некој дел од публиката сè уште го цени, најголемиот дел од корисниците преминаа на дигитално слушање, па форматот станал нишов и недоволен за масовен комерцијален повраток.
Заклучокот е дека иако имаше краток моментум, CD-ренесансата не била структурно стабилна. Отсуството на големи изданија, забавувањето на целата индустрија и недоследностите во податоците покажуваат дека форматот останува под притисок. Нему му останува лојална, но мала група колекционери, што е премалку за вистински пазарен препород.