Во многу медиуми беше објавена информацијата дека од 10 до 21 ноември 2025 г. се одржува светскиот годишен самит за климатски промени наречен СОР30 (Conference of Parties), 30-ти по ред. Местото на одржување е градот Белем сместен на устието на реката Амазон, но навлезен над 100 км во прашумата.
Местото е одбрано за да се истакне симболично важноста на амазонската прашума која апсорбира огромно количество јаглерод-диоксид (СО2), но постојано се намалува нејзината површина заради добивање на земјоделско земјиште и пасишта, користење во индустрија, како и од шумски пожари. Бројот на учесници е рекордно помал отколку во претходните години од повеќе причини: логистички тешкотии да се пристигне во тој град, неатрактивност на местото (не е како претходните во Шарм ел-Шеик или Дубаи), геополитичката ситуација и друго.
Климатските промени стануваат сé поинтензивни, а тоа се потврдува и со следниве факти: Светската метеоролошка организација (WTO) објави дека 2024 година е најтопла до сега со температура на воздухот за 1,55°C над прединдустриското ниво (1850 г.), а концентрацијата на CO2 во атмосферата во 2024 г. била 423 ppm (делови од милион) што е 50% над прединдустриското ниво. Веќе денес се знае дека оваа 2025 година ќе биде прогласена за најжешка во историјата на Земјата. Речиси секој ден гледаме на вести за катастрофални временски појави: урагани, поплави, суши, топлински бранови со многу високи температури, шумски пожари итн. Материјалните штети изнесуваат многу милијарди долари, но има штети што не може да се проценат, а тоа се илјадници загубени човечки животи и неповратни промени во природата.

Како куриозитет да напоменам дека токму во Бразил во 1992 година е донесена Рамковната конвенција на Обединатите нации за климатски промени (UNFCCC) во чии рамки секоја година Обединетите нации (ОН) организираат т.н. Конференција на страните (СОР) со цел борба против климатските промени. Треба да се истакне Парискиот договор (2015 г.) со кој е поставена цел за ограничување на глобалното просечно покачување на температурата под 1,5°C до 2100 година. Според овој договор секоја земја треба до ОН да поднесува документ наречен “Национално определени придонеси“ (Nationally determined contributions) и тоа на секои пет години (последниот требаше да биде поднесен во февруари 2025 г.). Во него треба да има извештај за состојбата, особено за емисиите на стакленички гасови, како и планови за нивно намалување. Во последниот извештај на UNEP (ОН за животна средина) пишува дека до 30 септември 2025 година само 60 држави потписници на Парискиот договор поднеле или објавиле такви национални документи што содржат цели за ублажување.
Доколку државите целосно ги спроведат своите национални задолжителни планови, глобалната температура би се зголемила за 2,3 до 2,5°C. Спроведувањето само на тековните планови би довеле до зголемување на глобалната температура за 2,8°C. Извршната директорка на UNEP Ингер Андерсен (Inger Andersen) изјави: „Иако националните планови за климата донесоа одреден напредок, тој не е ни приближно доволно брз, поради што сè уште ни требаат невидени намалувања на емисиите, а во услови на сè попредизвикувачка геополитичка позадина.“
Според UNEP следниве прашања ќе доминираат на COP30:
• Како да се спречи неконтролираното глобално затоплување;
• Како да се заштитат населението и екосистемите од климатските влијанија;
• Како да се исполни ветувањето од 1000 милијарди долари помош за земјите во развој;
• Како да се искористат разни креативни решенија за климатската криза;
• Како да се обезбедат фер и инклузивни транзиции;
За да не се покачи глобалната температура за повеќе од 1,5°C, ОН и други институции поставија цел за постигнување на нула емисии на стакленички гасови до 2050 година. Некои развиени европски земји изразија поголема амбиција да ја постигнат таа цел до 2045 година. Но за некои земји, на пример Кина, таа цел би се постигнала во 2060 година. Но, земајќи предвид како се одвиваат работите последниве години и денес, како и најавите на разни држави и корпорации, границата од 1,5°C сигурно ќе биде пречекорена.
Претседателот на САД “удри нож во грб“ на меѓународната акција во борбата против климатските промени. Уште на почетокот кога стапи на должност како претседател тој потпиша указ со кој САД се повлекуваат од Парискиот договор велејќи дека климатските промени се голема измама. Го прекина финансирањето на многу проекти за користење на обновливи извори на енергија, а најави мерки за стимулирање на користење на фосилните горива вклучувајќи и јаглен. А факт е дека САД се најголемите производители на нафта и гас во светот и имаат најголеми емисии на СО2 по жител.
Ме чуди што ниту еден од познатите светски политичари не се спротивставува јавно на политиката на Трамп за климатските промени. Како да се плашат од неговото најупотребувано оружје, а тоа е зголемување на царините за увоз во САД. Многу од земјите кои извезуваат нафта и гас и оние што користат многу фосилни горива ќе се повикуваат на однесувањето на САД, така што тоа ќе претставува дополнителен удар кон напорите во светот во борбата против климатските промени.
Многу аналитичари, вклучувајќи и функционери од ОН, пред самитот СОР30 изјавија дека постои неуспех во исполнувањето на целта за спречување на затоплувањето над 1,5оС. Преговарачите во глобалните разговори за климата во Белем мора да ги признаат досегашните неуспеси и да бараат алтернативи за да поттикнат акција, велат многу научници. Во ваква неоптимистичка атмосфера не можеме да очекуваме некои позитивни резултати од годишниот самит за климатски промени.
На тема климатски промени сум пишувал многу пати, а написите ги завршувам со следнава реченица: Сè додека пазарната економија, односно профитот имаат приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје
Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)