Рубрика: Геологија
Два од најопасните вулкани во Грција делат подземна врска
Објавено на 13.11.2025 - 12:00

Интензивната серија земјотреси што ја погоди околината на грчкиот остров Санторини во јануари откри огнена подземна врска помеѓу два соседни и историски експлозивни вулкани.

Анализите на сеизмичката активност од јуни 2024 до февруари 2025 година, заедно со промените во надморската височина на површината на островот, укажуваат дека истиот извор на магма што го храни вулканот Санторини мошне веројатно го снабдува и потопениот вулкан Колумбо, оддалечен само седум километри, објавија истражувачите на 24 септември во Nature.

Според Мариус Искен, геофизичар во Центарот за геонауки GFZ Helmholtz во Потсдам, Германија, и неговите колеги, сложените заеднички водоводни системи со магма можат да го комплицираат толкувањето на земјотресите и знаците за непосредни ерупции. Оваа студија, велат тие, ја истакнува потребата од следење во реално време со висока резолуција со цел подобрување на системот за предупредување за вулканската активност.

Освен по живописните наслви Санторини е познат по катастрофална вулканска ерупција што се случила околу 1560 година п.н.е. а којашто придонела за крајот на минојската цивилизација и предизвикала уништување од пошироки размери, вклучувајќи земјотреси, цунами, а можеби и вулканска зима. Моќта на вулканот Колумбо исто така не е за потценување. Неговата последна ерупција се случила во 1650 година од нашата ера.

Кога серија од преку 1200 земјотреси го потресоа регионот на почетокот од оваа година, Грција прогласи вонредна состојба, плашејќи се од неизбежна ерупција. Иако ерупцијата немаше, обилните земјотреси им овозможија на Искен и неговите колеги да добијат подобар увид во подземјето и подобро да разберат како и каде се движела магмата. Користејќи податоци од станиците за земјотреси поставени и на копното и на морското дно, тимот ги реконструирал настаните што довеле до потресите на тлото.

Почнувајќи од јули 2024 година, површината на Санторини почнала да отекува за неколку сантиметри, што укажува на акумулација на магма која ‘надошла’ од подлабоко во Земјината во неговиот плиток резервоар кора. Отекувањето се совпаднало со сеизмичката активност центрирана околу Санторини.

На 27 јануари, стапката на земјотреси се зголемила, со нова серија земјотреси кои мигрирале во текот на неколку недели, прво кон Санторини, а потоа североисточно од островот. Во исто време, GPS податоците покажале дека двата вулкана се чини дека спласнуваат. Приказната, раскажана преку потреси  и смирување на тлото, сугерира дека и Санторини и Колумбо се хранат од магма од подлабок резервоар во кората. Ројот од сеизмичка активност укажува на магма што се движи од овој резервоар, првично кон Санторини, а потоа подалеку од двата вулкани, предизвикувајќи и двата да се издишат, како своевидно истовремено воздивнување.

Ова е првото набљудување на магматска врска помеѓу Колумбо и Санторини, забележува тимот. И тоа носи импликации и за други големи вулкански системи за кои се претпоставува дека го делат системот за довод на магма, или во најмала рака се “подбуцнуваат” еден со друг под тлото, како што е случајот со вулканите на Хаваи, Исланд и на рускиот полуостров Камчатка.

Клучни зборови:

Санторини Слика: tomsouthal/Freeimages.com

Грчки острови слика: Freeimages.com