Бев трето или четврто одделение кога некако по грешка, несоодветен за мојата возраст а воден од љубопитство, сакав и го изгледав The Omega Man (Последниот човек), снимен во сега веќе далечната 1971. Овој дистописки филм за градовите кои се целосно опустошени од некаква страшна епидемија од која најголемиот дел од луѓето умираат во тешка агонија а дел од нив се трансфомираат во еден вид лесно манипулативни зомбифицирани луѓе, во тоа време го доживеав како класичен хорор филм со зомбија. Згора на сѐ главниот јунак се жртвува и умира за доброто на човештвото, што секако во очите на еден десетгодишник не е очекуваниот среќен крај, па ми остави еден вид повеќедневна траума во тоа време.
Поминаа децении откако се појави римејкот на филмот насловен според новелата по која е правена и првата верзија на филмот – I'm Legend, во 2007. На мое големо разочарување, освен добрата глума на Will Smith, тензичните сцени, ефекти и акција, речиси целосно беше исфрлена главната порака на продукцијата од 1971. Како некој по директива да ја имаше исфрлено алегоријата на зомбифицираните луѓе кои послушно го следеа мрачниот култ на својот водач кој иронично ги подучува своите следбеници дека за целата мизерија и беда на човештвото што го снашла е виновна науката и технолошкиот развој.

Се чини како продуцентите и режисерот да сакале тендециозно да ја избришат главната поента на екранизацијата од 1971, па зомбифицираните луѓе тука беа прикажани како класични зомбија, и така целосно дехуманизирани, врската со нас луѓето и опасноста од ширењето на псевдонаука, верски фанатизам, растечки популизам, игнорантскиот однос кон вистинските проблеми и растечкиот политички екстремизам беа сведени на бркотници со зомбија.
Некогаш кога ќе имате време, топло ви го препорачувам овој филм од 1971-ва. Претходно убаво одморени, трпеливо изгледајте го. Колку и филмските сцени од оваа временска дистанца да изгледаат гротескно од аспект на технички ефекти, а на моменти почнуваат да наликуваат на еден вид мрачна комедија, тие носат моќна порака за едно дистописко предвидување на она што во моментов, за жал, му се случува на човештвото и целосниот пад на цивлизацијата предизвикан само заради недостатокот на вистинско и квалитетно образование и отсуство на било какво критичко размислување како логична последица на првото.
И доколку ме прашувате кое е решението, сметам дека тоа секако не е војната со хуманоидните зомбија. Наречете ме наивен, но сѐ уште верувам дека хуманоидните зомбија можат повторно да станат луѓе, независно колку "крв" треба да дадеме ние другите за серумот на разумот да профункционира. Друг пат ние немаме.
Можеби како дете, погрешно сум го разбрал крајот на филмот. Можеби, сепак, филмот има среќен крај, но во очите на едно исплашено десетгодишно дете било невозможно тоа да се согледа. Оти целта на животот е животот да продолжи и оттука секоја жртва е високо осмислена и, напротив, таа станува алка во недогледниот синџир на животот.