Рубрика: Енергетика
Кина избива на чело во трката за чиста нуклеарна енергија
Објавено на 07.11.2025 - 17:15

Кина го направи првиот чекор кон докажување на техничката изводливост за користење на ресурсите од ториум во системите на реактори засновани на течна ториумска сол.

По речиси 15 години ригорозно истражување, Кина конечно пронашла начин за “отклучување” на речиси неограничената количина на нуклеарна енергија преку претворање на ториум во ураниум со нивниот експериментален реактор заснован на течна ториумска сол (TMSR), се вели во извештаите објавени оваа недела. TMSR реакторот од два мегавати беше развиен во пустината Гоби од страна на Шангајскиот институт за применета физика при Кинеската академија на науките и е единствениот што успеа да го постигне овој историски подвиг во конверзијата на гориво.

Една од предностите на TMSR е тоа што тој воопшто не бара вода, наспроти конвенционалните нуклеарни централи кои вообичаено се градат вдолж крајбрежјата поради нивните огромни потреби за ладење. Имено, се работи за четврта генерација нуклеарни реактори во кои нуклеарното гориво се поставува во течна форма растворено во сол од флуор, литиум и берилиум (FLiBe) загреани на приближно 630 °C. Мешавината освен како гориво служи и за разладување. Трансформацијата којашто се случува во него – од ториум во ураниум, која настанува во реакторот, е неопходна поради тоа што ториумот не може директно да се користи како нуклеарно гориво.

Иако кинеските напори започнаа во 2011 година, откако Кина ја промовираше визијата со статус на национален научен пилот-проект, изворната идеја на експериментот е нешто постара и доаѓа отаде другата голема бара – од американските архиви. Имено, Соединетите Американски Држави во 1960-тите развиле мал тест реактор за ваква конверзија и можеби ќе успееле и да се запишат како прва земја што успешно успеала да ја оствари оваа пресвртница, но истражувањето на американскит научници било прекинато и оставено да стои “на полица” во корист на фаворизираните системи засновани на ураниум.

Главниот научник на проектот, Сју Хонгџие, во дел од неговата изјава за South China Morning Post (SCMP) вели: „САД го оставија своето истражување јавно достапно, да го чека вистинскиот наследник“, беше цитиран Сју. „Ние бевме тој наследник“. Сју додава и дека неговиот тим поминал години со декласифицираното американско истражување и го совладал секој трик во книгата пред да го имплементира практично.

Кина, исто така, ги произведе дома сите клучни делови од компонентите на реакторот, бидејќи има за цел да воспостави свој целосно независен индустриски синџир на снабдување за технологиите за реактори засновани на течна ториумска сол (TMSR).

Друга предност на TMSR е тоа што основното гориво, ториумот, е присутен во многу поголема количина – го има отприлика трипати повеќе од ураниумот, создава помалку радиоактивен отпад, бидејќи е и помалку радиоактивен по природа, според Светската нуклеарна асоцијација. Освен тоа нема фисиски изотопи, па не може да се збогатува и користи за производство на нуклеарно оружје, за разлика од ураниумот. И она што е најинтересно, се смета дека Кина има едни од најголемите резерви на ториум, доволно за да обезбеди енергија во сите домови за наредните неколку илјади години.

Кина не само што може да ја направи нејзината програма за нуклеарна енергија почиста, туку и да оствари енергетска независност.

Според извештајот на SCMP, Кина веќе тргнала во изградба на поголем реактор со течна ториумска сол којшто се проценува дека ќе произведува 10 мегавати електрична енергија.  Според изјавата на Даи Жимин, директор на Шангајскиот институт за применета физика, дадена за China Daily, крајна цел на Институтот има е изградба и демонстративната работа на термички прототип од 100 мегавати (MW) до 2035 година и да се постигне примена на комерцијално ниво.

Бонус видео: Зошто ториумот има капацитет да го промени светот
Клучни зборови: