Трудот на истражувачи од Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ, со наслов „Technical and Techno-Economic Feasibility Analysis of a University-Scale Virtual Power Plant“, е добитник на Third Best Paper Award на меѓународната конференција ICRERA 2025 – International Conference on Renewable Energy Research and Applications, одржана во Виена, Австрија, во периодот од 27 до 30 октомври 2025 година.
Во конкуренција од повеќе од 330 трудови од истражувачи од целиот свет, трудот беше издвоен меѓу најдобрите според квалитетот на научната анализа, практичната применливост и мултидисциплинарниот пристап. Истражувањето е заеднички труд на наставниците и истражувачите од ФЕИТ – Мајa Целеска Крстевска, Александра Крколева Матеска, Маре Србиновска, Петар Крстевски, Весна Андова, Владимир Димчев и Бодан Велковски. Тоа ги поврзува областите на обновливи извори на енергија, дигитализација на електроенергетските системи, системи за складирање на енергија и енергетска ефикасност.

ICRERA претставува една од меѓународните IEEE конференции во доменот на обновливите извори на енергија, напредни мрежи и интеграцијата на нови технологии во енергетскиот сектор. Публикациите од конференцијата се индексирани во IEEE Xplore. Избраните трудови од конференцијата, понатаму се покануваат за објава во меѓународни научни списанија со фактор на влијание.
Ова признание претставува уште едно потврдување на високото ниво на научноистражувачка работа на ФЕИТ и ангажираноста на нашите академски кадри во современите енергетски предизвици и решенија.
Преземено од ФЕИТ