Рубрика: Аудио и видеотехника
33-то издание на ИФАДФ – КАМЕРА 300
Автор: Перица Поповски
Објавено на 03.11.2025 - 16:15

Викендов во Битола се одржа 33. Интернационален фестивал на аматерски (непрофесионален) документарен филм (ИФАДФ) Камера 300. Оваа година освен квалитетната селекција, фестивалот нè потсети и на еден значаен јубилеј – 120 години од креирањето на првиот филмски запис на овие простори...

Поканата за 33-то по ред издание на Фестивалот на аматерски и документарен филм ја прифатив со особено задоволство. Имено, како активен член на  Народна техника Битола оваа манифестација ја следам уште од нејзините почетоци и особено задоволство ми е што, ете, дочекав да присуствувам и на ова 33-то издание на ИФДФМ – Камера 300. Имајќи го ова предвид, слободно можам да кажам дека во тој долг временски распон многу научив за краткометражниот филм, како учесник и хроничар на оваа прекрасна манифестација, а последниве години и како известувач за Емитер.

Од церемонијалниот дел на подиумот на Малата сала на Центарот за култура во Битола, оваа година забележливо беше отсуството на г. Тони Коњановски, градоначалникот на општина Битола којашто е долгогодишен покровител на овој фестивал. Но, ова беше разбирливо и донекаде и очекувано, со оглед на тоа што оваа година фестивалските денови се совпаднаа со локалните избори. Наместо него, присутните гости од странство и од Македонија со пригодна реч ги поздрави г. Стефан Хаџи Антоновски, претседател на кино-клубот “Студио Милтон Манаки” и член на Советот на фестивалот, кој воедно го прогласи и за отворен 33-тиот Интернационален Фестивал на аматерски (непрофесионален) филм.

Во неговиот говор г. Хаџи Антоновски потсети дека годинава се одбележуваат 120 години од купувањето на легендарната Камера 300 и снимањето на првиот документарен филм на Балканот – филмот за баба Деспина, снимен во 1905 година.

Интересот за нашиот ИФАДФ Камера 300 не стивнува, напротив е се поголем. На нашата адреса пристигнаа документарни филмови од многу европски држави на автори кои обработуваат најразлични теми од своето поднебје. Годинава сите славиме 120 години од првиот филмски запис на овие простори. Да потсетам, за македонскиот филм, како и за повеќето во светот, 20-от век, буквално е век на неговото создавање и растеж. Како што е познато, десет години по првата проекција на филм во Гранд Кафе во Париз, браќата Јанаки и Милтон Манаки со нивната сега веќе легендарна Камера 300, купена во Лондон од компанијaта Урбан од моделот Биоскоп, сериски број 300, во дворот на нивната родна куќа, во 1905 година ги снимиле првите подвижни слики, воедно први на Балканот. Камен темелникот на македонската филмска историја е поставен со тие подвижни слики, односно снимениот материјал на браќата Манаки на нивната 114 годишна баба Деспина како преде со други жени од семејството и соседството”, – кажа Хаџи Антоновски.

По преглед на 28-те филмови што влегле во официјална конкуренција жири-комисијата во состав Благојче Божиновски (Македонија) – претседател и членови проф. д-р Антон Антонов (Бугарија), Аликвијади Восду (Грција), вон. проф. Гоце Господиновски (Македонија),  и Диме Талевски, филмски аматер 1 класа, одлучи во официјалната селекција да бидат прикажани 12 филмови кои се натпреваруваа за награди. Притоа првата вечер беа прикажани седум а вториот ден пет филма.

Највисокото признание, наградата Гран При на Интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм Камера 300 оваа година беше доделена на македонката Ема Зафировска, која е родена и живее во Велика Британија, за нејзиното извонредно остварување “Мајчински инстинкти”

Секако, да ги споменам и останатите наградени филмови.

Наградата ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ја освои филмот “Три манастирски цркви во регионот Куманово” од авторот Валентина Андреиќ од Македонија. СРЕБРЕНА КАМЕРА 300 му беше доделена на “Мефисто” на авторот Ервин Спренге од Австрија, додека БРОНЗЕНА КАМЕРА 300 доби филмот “Зората во Њујорк“ од авторите Фригман Мејс и М. Торес од Германија.

Сребрен медал UNICA му беше доделен на филмот “Макраме” од авторот Надица Петковиќ од Македонија, додека Плакетата на општина Битола за најдобра камера ја доби авторот Франц Моге од Словенија, за филмот “Клукајдрвци”.

Плакета за режија ДРАГИ САВЕВСКИ беше доделена на авторите Миогжен Исуф, Апостол Фанев и Красимир Георгиев од Бугарија за филмот “Домот”, a Плакета за монтажа на авторите Апостол Фанев, Николај Мајеров, Красимир Георгиев и Апостол Христов, исто така од Бугарија, за филмот “Уметникот”.

Плакетата за идеја “СТЕВО СИДОВСКИ – СИДО” им беше доделена на авторите Драган Белински, Драго Лариновиќ и Југослав Латиновиќ од Србија, за нивното остварување “Тиховање”.

Плакета за репортажа доби авторот Љупчо Паункоски од Македонија за филмот “Охридските пливачки легенди  – Атина Бојаџи”.

Стручното жири одлучи да бидат доделени и Специјални награди-плакети, од кои онаа за млад автор ѝ беше врачена на Ноела Нечкоска од Македонија за нејзиниот филм “Реална наука – синдром на скршено срце”, додека авторот Љупчо Ристески од Македонија освои плакета за трајни вредности за неговиот филм “Иле го истражува стариот апарат Хиев”.

Секако ја искористив можноста да поразговарам со дел од учесниците , нивните впечатоци но и со членови на стручното жири. Квалитетот на селекцијата, во поглед на содржината и идејата презентирана во делата, беше секако на високо ниво. Провејува извесно мислење дека некои филмови се во рамките на документарниот филм, но со подолга содржина. Поентата на документарниот филм е во пократок временски период да се прикаже одреден настан, состојба, случување. Технички прикажаните филмови наликуваа на оние изработени со професионална опрема, па слободно можам да кажам дека остварувањата веќе не се далеку од професионалниот филм. Наместо конечен заклучок упатувам апел до македонските творци за во иднина тие повеќе да се ангажираат.

Клучни зборови: