Рубрика: Психологија
За хармониката на времето или зошто спомените го растегнуваат и собираат изминатото време
Објавено на 30.10.2025 - 13:00

Проживеаното време е сè друго освен чисто објективна мерка и како што се приближува Митровден и официјалното отворање на сезоната на слави и празници, подгответе се да се уверите и самите дека тоа претрпува изненадувачки искривувања – феномен познат како 'парадокс на празниците'.

Во книгата "Волшебната планина" од германскиот писател и добитник на Нобелова награда Томас Ман, перцепцијата на времето е централна тема. Приказната се одвива во санаториум сместен на голема надморска височина, место каде деновите што следат еден по друг се секогаш идентични. Еден пасус особено погаѓа: "Можеби празнината и монотонијата ги шират моментот и часот, правејќи ги бесконечни, додека скратуваат големи, огромни маси време, предизвикувајќи тие да испарат во ништо. Обратно, богатата и интересна содржина несомнено е способна да скрати и олесни еден час, па дури и еден ден; Сепак, во голема мера, таа дава широчина, тежина и цврстина на текот на времето, така што годините исполнети со настани минуваат мошне побавно од оние сиромашните, празни и минливи години што исчезнуваат како ветер."

Не може подобро да се опише она што британскиот психолог и автор Клаудија Хамонд го нарекува "парадокс на празниците" – кога имаме впечаток дека празниците минуваат бргу додека ги уживаме, но кога подоцна ќе се потсетиме на нив, се чини дека траеле подолго од еквивалентното време што сме го поминале во извршување на рутинска работа. Обидете се и самите да направите мала ревизија на сеќавањата со тоа што за пример ќе земете една недела во август (ако тогаш сте земале и биле на одмор) и една недела во јуни (ако тогаш сте работеле и тој месец не бил месец на големи професионални или лични пресврти; во спротивно, изберете друг месец!). Во тоа време, дали чувствувавте дека првиот период изминал побргу од вториот? Но, денес, дали би рекле дека имате чувство дека тој траел подолго?

Нормално дека тоа ќе биде така. Па, како можеме да го објасниме ова? Тоа е затоа што овие две проценки не се засновани на истиот механизам за перцепција на времето. Проценката во реално време користи своевиден церебрален песочен часовник, што редовно ги филтрира "зрната песок" (електричните празнења на специфични невронски мрежи), заробени од "акумулаторот". Колку повеќе зрна песок содржи овој акумулатор кога се осврнуваме на моментите што штотуку поминале, толку подолго тие моменти ќе ни изгледа дека траеле.

Потрагата по мозочните основи на овој внатрешен часовник е предмет на едно фасцинантно истражување, кое предлага, на пример, дека регионите наречени "дополнителни моторни области" придонесуваат за механизмот на акумулација. Но, многу фактори можат да се мешаат во овој часовник. На пример – емоциите.

Стравот се чини дека го забавува времето, бидејќи нашето тело се активира за да се спротивстави на заканата. Нашиот пулс се забрзува, како и нашиот внатрешен часовник. Зрната песок потоа паѓаат побрзо во песочниот часовник, предизвикувајќи продолжување на перцепираните траења.

Другите фактори зависат од нашата задлабоченост во дејствата – кога сме целосно апсорбирани во она што го правиме, повеќе не обрнуваме внимание на текот на времето. Следствено, "зрната песок" на мозокот сè уште се ослободуваат, но повеќе не се акумулираат. Со оглед на тоа што нашиот внатрешен песочен часовник останува речиси празен, имаме впечаток дека низите што штотуку поминале се кратки. Ова е она што би се случувало во текот на летните одмори, барем кога тие се исполнети со нови искуства или возбудувања.

Од друга страна, кога се осврнуваме на даден период, нашата проценка на времето повеќе не го користи песочниот часовник на овој мозок. Таа се заснова на бројот на настани што ги паметиме: колку повеќе ги има, толку подолго се чини дека траел некој период. И бидејќи моментите полни со настани оставаат посилен впечаток од неделите здодевност, тие изгледаат подолги во ретроспектива – дури и ако секундите се чувствувале бесконечни во тој момент. Тоа е парадоксот на одморите.

Оваа двојност помеѓу проспективното и ретроспективното време исто така објаснува и зошто се чини дека времето поминува побрзо со возраста. Нашата младост, кога сè е ново, генерално ни остава повеќе спомени отколку подоцнежните, порутински периоди. Томас Ман, исто така, го забележал ова: "Навиката го затапува нашето чувство за време, или барем го ослабува, и речиси сигурно е дека токму поради навиката нашата младост се чини дека е спора, додека остатокот од нашите животи се забрзува и си лета."

Накратко, како што се приближувањето на уште една празнична сезона, подгответе се да го гледате времето како “свири хармоника” – во дадениот момент сè ќе ви се чини дека кратко трае, за нешто подоцна да ви изгледа дека настаните се продолжиле во вашата меморија. Освен ако, се разбира, и славските случувања и празниците не се здодевни во вашето домаќинство, додека она што е возбудливо и постојано еволуира е вашата работа. Во тој случај, хармониката на времето можеби работи во спротивна насока wink

Клучни зборови: