Рубрика: Геологија
Нов метод за предвидување на ерупциите на најактивниот вулкан во Европа – Етна
Објавено на 28.10.2025 - 18:45

Новиот метод со следење на движењето на магмата под планината Етна отвора перспективи за попрецизни предвидувања на ерупциите на овој најактивен вулкан во Европа.

Студијата, спроведена од италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (НИГВ) и објавена во списанието Science Advances, се фокусира на сеизмичкиот параметар познат како “вредност б”, којшто ја опишува распределбата на земјотреси со мала и со голема магнитуда. Поточно, “вредноста б” (или b-value) е параметар што се користи во сеизмологијата и го означува односот помеѓу бројот на мали земјотреси и бројот на големи во дадена област.

Етна е најголемиот активен вулкан во Европа и неговата вулканска активност редовно e евидентирана во последните 2700 години. Но, еруптивното потекло на системот датира од пред приближно 500 000 години. “Најпресната” еруптивна фаза се случи во јуни 2025 година кога настанот создаде столб од пепел висок приближно 6,5 километри и проток од сјајни стопени карпи. Во таа прилика властите успеаја да издадат предупредување за жителите од околината утрото на денот на ерупцијата, но истражувачите истакнуваат дека прогнозите не секогаш се толку навремени.

Истражувањето на НИГВ проучува сеизмички податоци во распон од 20 години (2005 до 2024 година) од областа на Етна, притоа фокусирајќи се на просторните и временските варијации на “вредноста б”. Според авторите, оваа варијација ја одразува еволуцијата на стресот во кората и може да ги означи фазите во кои магмата се издига кон површината.

Варијациите во вредноста б со текот на времето ја одразуваат еволуцијата на стресот во вулканот“, објаснува во едно интервју Марко Фирето Карлино, геофизичар во НИГВ и главен автор на студијата. „Бидејќи искачувањето на магмата предизвикува варијации на стресот во кората, следењето на вредностите б може да помогне во откривањето на различните фази на патот на магмата од длабочината на површината.

Во пракса, во активните зони за складирање на магмата – каде што магмата врши притисок врз околните карпи – се забележуваат повисоки б-вредности: ова значи дека има изобилство од мали земјотреси наспроти големите. Ова е затоа што карпите стануваат пофрагментирани и “слаби” поради напукнувањето на кората предизвикано од магмата. Спротивно на тоа, во постабилните кори, помалку оптоварени од магма, преовладуваат поретки, но земјотреси со поголема магнитуда, поврзани со пониски б-вредности.

Студијата го опишува внатрешниот систем на Етна како сложен и слоевит: длабоката зона во која се складира магмата е сместена приближно 11 км под нивото на морето, од неа се “храни” системот од средни наслаги (на длабочини помеѓу 3 и 7 км) и конечно најповршинска зона во вулканската градба. Кората околу Етна е дебела до 30 км и лежи во судирот помеѓу африканската и европската плоча. Вертикалниот расед на лизгање го олеснува искачувањето на магмата кон површината.

Следењето на б-вредноста може да понуди нова алатка за проценка кога магмата преминува од длабока во површинска зона, овозможувајќи висока прецизност на предвидувањата за ерупциите на вулканот.

Следењето на б-вредноста нуди ефикасен начин за следење на движењето на магмата од внатрешноста до кората и проценка на еволутивната состојба на вулканот пред ерупциите“, потврдува Фирето Карлино.

Благодарение на честата активност на Етна и обемната сеизмичка архива, научниците успеаја да идентификуваат многу силна корелација помеѓу “вредноста б” и еруптивните фази на вулканот. Доколку ова се потврди и во други вулкански контексти, методологијата би можела да се примени и на други активни вулкани, под услов да има доволно сеизмички податоци и добра просторна распределба на настаните.

Прогнозирањето на ерупциите останува комплексна област. Вредноста б не е директен индикатор за непосредна ерупција, туку дополнителна алатка за проценка на внатрешната состојба на вулканот. Секој вулкан има свои уникатни карактеристики, а Етна претставува идеален случај за ваков вид студија благодарение на неговата интензивна активност и обемната достапност на податоци. Истражувачите сега имаат намера да ја прошират анализата на други вулкански области во Италија и на меѓународно ниво, како и да ја комбинираат вредноста б со други индикатори (геохемиски, деформациски, термички) за да ги подобрат прогнозите.

Клучни зборови: