Максимата “Среќата е добра за здравјето” навидум е очигледна, речиси банална изјава, но кога таа ќе се разгледа низ научна призма добива подлабоко значење.
Според студијата објавена неодамна во Frontiers in Medicine, секое мало зголемување на „скалата на среќа“ ја намалува смртноста од незаразни болести (НЗБ) или ако повеќе милувате англиски noncommunicable diseases (NCD). Вообичаени примери на НЗБ ги опфаќаат кардиоваскуларните заболувања (како што се срцеви и мозочни удари), ракот, дијабетесот, хроничните респираторни заболувања (од типот на астма, на пример), менталните болести, како и мускулно-скелетните нарушувања.
За да дојдат до приложените заклучоци, истражувачите користеле алатка за проценка позната како Кантрил скала, именувана по психологот кој ја развил, а која ја мери благосостојбата и животните перспективи на една личност со поени од 0 до 10, каде што 0 го означува „најлошиот можен живот“, а 10 „најдобриот можен живот“.
Користејќи податоци собрани од 123 земји во периодот од 2006 до 2021 година, авторите укажуваат дека среќата е позитивно поврзана со здравјето на граѓаните, но под еден услов – благосостојбата на жителите на дадената земја да го надминува минималниот праг од 2,7 на Кантрил скалата. Над оваа мошне ниска вредност, се проценува дека секој процентен поен на зголемување на субјективната благосостојба е поврзан со 0,43% намалување на смртноста од незаразни болести кај луѓето на возраст од 30 до 70 години.
(Делумни) резултати од анкета од Светскиот извештај за среќа 2025, кои се однесуваат на 2024 година. Резултатите се претставени на скала за лична благосостојба со поени од 0 до 10 и се резултат на просекот од одговорите на учесниците. Слика: OurWorldinData | Wellbeing Research Centre
„Не откривме несакани ефекти од „премногу среќа““, прецизира Јулија Југа, координатор на студијата. Сепак, под прагот од 2,7 поени, дури и малите подобрувања во благосостојбата (како што е поместување од 2 на 2,2) не се претвораат во мерливо намалување на смртните случаи од незаразни болести. Податоците, исто така, покажуваат дека земјите што го надминале минималниот резултат на Кантрил скалата претежно имаат повисоки трошоци за здравство по глава на жител, посилни мрежи за социјална сигурност и постабилни влади од „помалку среќните“ земји.
Според самите автори, студијата има одредени ограничувања, како што е фактот дека таа се заснова врз самопријавени податоци од учесниците и како таква е подложна на пристрасност и на грешки во мерењето. Истражувачите се надеваат дека во идните студии ќе бидат вклучени дополнителни мерки, како што се годините поминати со попреченост или евиденции за прием во болница, како и поднационални податоци и податоци од земји со ниски приходи или оние погодени од конфликт.