Рубрика: Хемија
Прва Американско-Македонска работилница за моделирање во хемија и биохемија
Објавено на 20.10.2025 - 16:00

На 14 и 15 октомври, на Институтот за хемија при ПМФ, во форма на вебинар се одржа Првата македонско-американска работилница по молекуларно моделирање во хемијата и биохемијата.

Целта на работилницата беше запознавање на заедницата на хемичари и биохемичари, како и на студентите од Македонија, со постојните и возбудливи трендови во областа на моделирање на експериментални податоци добиени во хемиски и биохемиски лаборатории. Истовремено таа беше и можност за студентите и младите истражувачи да се запознаат со класичните техники, како и техниките на машинско учење, кои се користат за решавање проблеми во областа на хемијата и биохемијата.

Преку научно-популарни предавања и инспиративни дискусии, пред студентите се претставија повеќе експерти од оваа област, споделувајќи современи пристапи, резултати и искуства од својата работа. Притоа дел од предавачите ги презентираа своите наоди во Институтот за хемија во Скопјe (предавална 124), додека презентациите за преостанатите предавања беа емитувани од матичните земји/канцеларии на предавачите.  Прилика за активно учество имаа и студентите заинтересирани за моделирање кои имаа можност да ја презентираат својата работа за време на наменската постер сесија. Сите предавања беа емитувани преку интернет со цел да се зголеми публиката.

Ваквите работилници не придонесуваат само за унапредување на научното знаење – тие создаваат простор за соработка, размена на идеи, меѓусебно учење и градење на академски мрежи што ќе ги обликуваат идните истражувања и иновации.

Извор ПМФ

Клучни зборови: