Рубрика: Автомобилска техника
Мадрид ја тестира иднината на јавниот превоз – автобус без возач
Автор: Ива Зафировска
Објавено на 20.10.2025 - 15:30

Шпанската престолнина тестира целосно автономен електричен минибус, кој треба да го ублажи проблемот со недостигот на возачи. Почнувајќи од 15 септември, минибусот циркулира низ паркот Каса де Кампо, како дел од пилот-проект насочен кон иднината на јавниот превоз.  Проектот заеднички го спроведуваат Мадридското претпријатие за јавен превоз (EMT) и Галицискиот центар за автомобилска технологија (CTAG). Целта е да се тестира технологијата во реални услови на сообраќај.

Возилото, кое може да превезува 12 патници, работи од понеделник до петок од 12 до 17 часот, покривајќи кружна рута од 1,8 километри со шест станици. Услугата, промовирана во рамките на Европската недела на мобилност, е  целосно бесплатна и ќе биде достапна до 24 октомври.

Првиот автономен градски минибус во Мадрид

Трасата по којашто сообраќа првиот автономен градски минибус во Мадрид

Впечатоците на патниците се позитивни. Тие кои се охрабриле да го пробаат овој вид превоз споделуваат дека патувањето со автобус без возач е во најмала рака возбудливо, додека вработените во EMT покажале гордост и ентузијазам за учеството во пионерски проект во градот.

Овој автобус е еден од најдобрите што некогаш сум ги тестирал. Динамички се однесува мошне добро. Технологијата е исклучително интегрирана, не се однесува хаотично или роботски, како што е случајот со некои други возила“,  изјавил Сезар Омар Чакон Фернандез, раководител на Одделот за планирање на возниот парк на EMT за Јуроњуз.

Овие возила се потенцијално решение за еден горлив европски проблем – недостатокот од професионални возачи. Иако некои жители на шпанската престолнина изразиле сомнежи во врска со сигурноста на проектот, од EMT тврдат дека системот е безбеден и дека на неговиот развој се работи со години.

Првиот автономен градски минибус во Мадрид подготвен за прием на патници

Ова не е прв пат да ја тестираме оваа технологија: веќе четири или пет години работиме со автономни возила, и ова [возило] е едно од најсигурните што сме ги пробале“, изјавил Чакон.

Возилото го детектира секој објект (од велосипед до животно) и реагира соодветно со цел да избегне судир.

Автобусот интегрира напреден систем што во реално време ги следи брзината, забрзувањето, траекторијата, состојбата на вратите, пристапните рампи и индикаторите. Интегрираната контрола ја оптимизира безбедноста и ја подобрува ефикасноста на возењето.

Автономниот систем за возење работи на четири нивоа на автоматизација: минибусот ги препознава патиштата, семафорите, велосипедистите и пешаците и донесува свои одлуки кога да забрза, да сопре или да сврти.

Дополнително, секогаш е присутен оператор за безбедност. Неговата улога е да го следи патувањето и да интервенира во случај на вонредна состојба  со отворање на вратите или со рачно сопирање.

Клучни зборови: