За споредба, РЕК Битола (термоелектраната и копот за јаглен) е еден од СИСТЕМСКИ најголемите емитувачи на сулфур диоксид (SO₂) и нивните емисии се значително повисоки отколку оние од рудниците, па и металургијата.
Во извештајот “How Western Balkan coal plants breach air pollution laws” се наведува дека во 2018 година термоцентралите во земјата, пред сè REK Битола, емитувале ~ 53 855 тони SO₂ — што е 3,4 пати повеќе од националниот лимит (15 855 т). REK Битола бил најголемиот поединечен придонесувач (види тука)
Причината е што при согорување на лигнитен јаглен во ложиштата, сулфурот содржан во јагленот се оксидира во SO₂, што е директен производ на согорувањето. Термоелектраните работат со големи количини гориво, што само по себе значи голем обем емисија. За разлика од рудниците и металургијата, каде што емисиите на SO₂ се локални и во многу помал обем, термоцентралите ги испуштаат гасовите низ високи оџаци, што дава поголемо расејување, но и поголем вкупен придонес на загадувањето на голем простор.
РЕК Битола фото: Википедија/CC BY-SA 4.0
Кога нашите рудници би имале топилница (со пржење), тогаш емисијата на SO₂ може да се спореди, но во нашиот случај овие фази се изведуваат надвор од земјата или не се прават воопшто. Затоа според институционалните податоци SO₂ во Македонија најмногу се испушта од енергетските извори (термоелектраните).
Националниот Информативен инвентар за емисии (ИIR) покажува дека во 2017 г. 88% од вкупниот SO₂ доаѓал од енергетски индустрии (јавно производство на електрична и топлинска енергија), додека производствените индустрии учествувале со околу 10%. Тоа експлицитно го идентификува енергетскиот сектор (односно термоелектраните, пред сè РЕК Битола) како главен извор на SO₂ во земјата. (види тука)
Специфично за 2024 г., кампањата Comply or Close бележи дека оџаците на РЕК Битола (ТЕ Б1&Б2) испуштиле 62.625 t SO₂, а Битола ТЕ Б3 уште 22.314 t (вкупно околу 84.939 t), при што националниот плафон за емисии на SO₂ е 15.855 t. Тоа е скоро 7 пати над дозволеното на ниво на држава, со Битола како најголем поединечен придонесувач. (види тука)
Споредувајќи ги бројките доаѓаме до заклучок дека решението за почист воздух, без сулфурни оксиди и кисели дождови треба да се бара преку поставување филтри за SO₂ во РЕК Битола. Меѓутоа, во контекст на потпишаните договори за затворање на електраните до 2030 година, ваквата инвестиција повеќе не се исплати.
Македонската Влада и ЕСМ треба што е можно побргу да започнат со премин кон обновливи извори на енергија (фотонапонски, ветерни и хидроцентрали), со гасна централа само како привремено и преодно решение до 2050 година. Бидејќи не останува многу време, најбрзиот и најевтиниот начин претставува купување и релокација на користена гасна централа и нејзино поврзување со парниот дел на ТЕ Неготино. На тој начин, за помалку од 100 милиони евра Македонија би добила еден еколошки почист извор на базна енергија со капацитет од 540 MW - сосема доволно за да ги задоволи нашите потреби после пензионирањето на РЕК Битола.