Рубрика: Омнибус
Универзитетот Еуропа Прима се вклучува во процесите на дигитализација на културното наследство
Објавено на 06.10.2025 - 14:30

Универзитетот Еуропа Прима се вклучува во процесите на дигитализација на културното наследство на Македонија со потпишување на Меморандум за соработка со управата за заштита на културно наследство, соработка што беше промовирана на првиот свечен академски час во петокот 3.10.2025 во просториите на универзитетот, во салата на Кинотека на Македонија. Исто така, во рамки на свеченоста за одбележување на почетокот на новата академска година, проф. д-р Роман Кралик од Универзитетот “Константин Филозоф”од Нитра, Р. Словачка, беше промовиран во Doctor honoris causa.

На присутните професори, гости, како и сегашни и идни студенти, со поздравен говор им се обрати ректорот на универзитетот Еуропа Прима,  проф. д-р Александар Трајковски, кој дел од своето обраќање го посвети и на големиот светски музички јубилеј – 150 години од смртта на францускиот композитор Жорж Бизе и праизведбата на операта “Кармен”. Во оваа насока, сосема природно, по неговото обраќање присутните беа почестени со изведба на фрагменти од познатата опера во интерпретација на проф. д-р Љупчо Коскаров, проф. м-р Дарко Мариновски и м-р Елена Шутиновска.

По ова уследи прогласувањето на проф. д-р Роман Кралик од Универзитетот “Константин Филозоф” од Нитра, Р. Словачка, во Doctor honoris causa. Во неговото обраќање, претседателот на ИУ Еуропа Прима, проф. Јордан Плевнеш, зборувајќи за делото на професорот Кралик, се осврна на нишките што го поврзуваат со Македонија истакнувајќи дека “рамноапостолите на словенската култура Св. Кирил и Методиј, кои беа прогласени за заштитници на Европа 11 векови по нивната смрт од Папата Јован Павле Втори, во неговата славна Енциклика од 1980 година, го заокружува овој чин во долгогодишната соработка на нашиот универзитет со Универзитетот Констатин Филозоф од Нитра. Бидејќи Нитра е во центарот на европската и сесловенската меморија”. Потоа се осврна на значеието и научната работа на Кралик додавајќи “Денес, прогласувањето на Роман Кралик за DOCTOR HONORIS CAUSA на нашиот универзитет, еден од петте најцитирани научници во светот од Словачка, кој со своите истражувања покажува дека милениумите од праисторијата и антиката пред Исуса Христа и по него и до денес можат да бидат соединети во една индивидуална библиографија и таа може да биде распространета по сите континенти”.

Проф. д-р Роман Кралик најнапред се заблагодари на укажаната чест, набројувајќи најмалку четири причини зошто неговото прогласување за почесен доктор на науки токму во Македонија го чувствува како особена привилегија – ”најнапред бидејќи ќе говорам за концептите на Кјеркегор, второ бидејќи мој претходник беше брилијантниот чесшки режисер Јиржи Менсл, чиешто дело честопати го комбинира холистичкиот поглед на светот со сарказам и провокативна кинематографска естетика, трето вашата земја Македонија со нејзиното вековно духовно наследство за целиот свет и четврто, луѓето во Македонија, моите пријатели, кои со енергија која не спласнува се во потрага по реализација на нивните сништа, ме асоцираат на една работа – страста на Кјеркегор”, ќе спомне тој, по што ќе се осврне на аудиовизуелните уметности и значението на дигитализацијата на уметничката и философската меморија во светот.

Втор значаен чин од овој настан беше свеченото потпишување на Меморандумот за соработка за дигитализација на културното наследство на Македонија помеѓу ИУ Еуропа Прима и Управата за Заштита на културно наследство на Република Македонија. Со ова универзитетот со своите технички и кадровски капацитети активно се вклучува во напорите за дигитализација и зачувување на аудиовизуелното културно наследство на Македонија за идните поколенија. Во овој процес секако ќе бидат вклучени и студентите од овој универзитет кои со ова добиваат уникатна можност нивното универзитетско образование да остане одбележано со работа која треба да биде своевидно завештание кон идните генерации.

По ова на новата генерација студенти свечено им беа поделени индексите и им беше посакано срдечно добредојде и успешно студирање.

Клучни зборови: