Ветувања за забрзана дигитализација на администрацијата, слободен роаминг, побезбеден кибер простор...
Иако претходниот ден имаше неколку интересни панел-дискусии со информации и примери за тоа како синергијата помеѓу образовните институции, бизнис секторот и државните институции може да придонесе за забрзување на дигитализацијата во регионот и официјалното отворање на настанот беше резервирано за 2 октомври.
Пред почетокот на самитот, министерот за дигитална трансформација – Стефан Андоновски изрази надеж дека овој настан ќе ја зајакне поврзаноста меѓу државите, со оглед на тоа што тој на едно место обедини претставници на државите од регионот, економиите од целиот Западен Балкан, експерти, претставници на дипломатскиот кор, регионалната бизнис заедница, образовнигте институции.
„Се надевам дека овој настан ќе биде платформа за поврзување на сите овие држави, не само можност за дискусија, туку заедно сите да постигнеме успех. Во таа насока поттикнати од Регионалниот совет за соработка (РСС) работевме на заедничка декларација која ќе повика кон ЕУ и сите наши соседи да ја овозможиме иницијатива роаминг како дома, да ги намалиме трошоците за дата, трошоците за телефонски разговори и СМС пораки на граѓаните од регионот на Западен Балкан кон цела Европа, исто онака како што успеа ова иницијатива да го направи тука на Балканот, истото тоа да го рашириме и во цела Европа“, рече Андоновски.
Отворајќи го Самитот, премиерот Христијан Мицкоски, ја подвлече важноста на инвестирањето во дигитализација за просперитетот и стабилноста на регионот. Во таа насока тој ја истакна улогата што дигиталната трансформација може да ја добие во сузбивањето на корупцијата, зголемувањето во добербата во институциите и во поттикнувањето на понатамошен напредок и иновации.
“Живееме во време кога дигиталните решенија не се прашање на избор, туку на опстанок и на напредок. Западен Балкан не смее да биде заостанат агол на Европа. Нашата иднина е поврзаност, иновации и знаење”, истакна премиерот Христијан Мицкоски. “Сите ние сме сведоци како луѓето губат часови, па дури и денови, за услуги кои треба да траат во суштина само неколку минути. Тоа мора да биде минато. Дигитализацијата е нашиот начин да ја победиме таа инертност и да ја претвориме земјата во вистински сервис на граѓаните. Со дигитализацијата ја рушиме нееднаквоста меѓу оние кои имаат пристап и оние кои се оставени на маргините. Кога секој граѓанин ќе може со еден клик да добие документ, тоа е вистинска демократија. Кога секој земјоделец може брзо да добие субвенција, тоа е правда. Кога секоја компанија може дигитално да аплицира за проект, тоа е развој”, додаде тој.
Во оваа насока беше промовирана и мобилната апликација е-услуги којашто го ветува токму тоа – елиминација на шетањето од шалтер до шалтер, чекањето со часови за вадење на документ или сертификат.
Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Амер Капетановиќ, кој на присутните им се обрати веднаш по македонскиот премиер, потсети дека првиот Дигитален самит се одржа токму во Скопје во 2018 година и од тогаш до денес, како што рече, се преземени повеќе чекори за граѓаните од регионот во насока на олеснување на комуникациите, како што се зоната на слободен роаминг на Западен Балкан, но и намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан.
“Дигитализацијата не е само цел, таа е трансформативна сила. Успехот на нашиот режим ‘Roam Like at Home’ покажува што регионот може да постигне кога работиме заедно. Сега мораме да ги направиме следните чекори: изградба на интероперабилни дигитални ID паричници, унапредување на доверливите услуги, усогласување со дигиталните рамки на ЕУ и обезбедување на алатки за младите и бизнисите за да напредок во дигиталната ера,“ изјави Капетановиќ. „Сега одиме понатаму да се постави нулта тарифа со ЕУ, што е голем исчекор во фазната интеграција со пазарот на ЕУ“, додаде Капетановиќ посочувајќи ја дека крајната цел –поврзување на регионот со дигиталниот пазар на ЕУ.
Тој најави дека по овој Самит, следува Самитот на Берлинскиот процес во Лондон, на кој, како што напомена, ќе се усвојат важни документи и акциски планови, кои меѓу останатото се однесуваат на дигиталниот пазар на Западен Балкан, односно интеграција на дигиталниот пазар на регионот со тој на ЕУ.
На Самитот се обратија и партнерите: Ренате Николaj, заменик генерален директор за комуникациски мрежи, содржина и технологија во Европската комисија; Томас Ламанаускас, заменик генерален секретар на Меѓународната телекомуникациска унија; Томас Јарзомбек, парламентарен државен секретар во германското Сојузно министерство за дигитализација и модернизација на владата; и Свјатослав Сенјута, регионален лидер за владини решенија во Visa. Тие ја истакнаа важноста на регионалната соработка, усогласувањето со ЕУ и партнерствата со приватниот сектор во напредокот на дигиталната агенда.
Остатокот на денот изобилуваше со повеќе панели посветени на дигитални сервиси, дигиталниот паричник, интероперабилноста, вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста, е-услугите и развојот на вештини.
Данијела Гачевиќ, раководител на Програмскиот оддел во СРС, на главната сцена го модерираше министерскиот панел на тема „Дигитално по дефиниција – Јавните услуги во функција на сите“, на кој учествуваа министри и високи претставници од Западен Балкан, меѓу кои: Делина Ибрахимај, министерка за економија и иновации на Албанија; Мараш Дукај, црногорски министер за јавна администрација; Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација на Северна Македонија; Славиша Антиќ, државен секретар во Министерството за информации и технологија на Србија; Гетоар Мјеку, косовски заменик министер за економија; и Алмир Бањевиќ, директор на IDDEEA во Босна и Херцеговина.
Тука имавме можност од прва рака да дознаеме до каде се процесите на дигитализација на институциите во регионот како и за специфичните предизвици со кои се соочуваат секоја од државите. Имено, како што тоа директно го посочи Алмир Бањевиќ, решенијата биле спроведени во финска или која и да е држава од ЕУ не можат директно да се спроведат во БиХ, каде кантонската поделба и автономија побарува поинакви дигитални решенија.
Програмата на помалата техничка сцена започна со воведното инспиративно обраќање на Фабрис Далмеида, потпретседател на Универзитетот Пантеон Асас Сорбона, во кое ја истакна важноста на кибер безбедноста при процесите на дигитализација, како и на едукацијата на постарите но и новите генерации за користењето на дигиталните алатки.
По ова ги претставници од водечките играчи од бизнис заедницата заедно со претставници од два регионални стартапи дискутираа за примената на вештачката интелигенција во секојденвието, како бизнис решение но и како помагало во секојдневието на обичниот човек. Дали вештачката интелигенција ќе го замени човекот? Интересна беше забелешката од претставникот на Фактум кој во еден момент кажа дека ВИ алатката менува двајца до тројца програмери. Претставниците од големите компании (Орикл, Мајкрософт, Дојче Телеком) ја повторија доброутврдената лекција дека ВИ е тука алатка за помош а не за замена на човекот, сем кај репетитивните и здодевни задолженија. Малку идилично и седативно размислување, но нејсе. Дискусијата беше секако интересна за следење.
Дигитализацијата на општеството секако оди рака под рака со напредокот и имплементацијата на новите телекомуникациски технологии, па оттаму следниот панел на тек-сцената беше посветен на основната улога на 5Г и оптичките мрежи кај балканската шесторка. Улогата на кибер безбедноста при имплементацијата на овие технологии, беше исто така во фокусот на дискусијата.
За тоа време на главната сцена имавме дискусија за унапредувањето на услугите во јавниот сектор со примена на безбедни и ефикасни решенија. Во овој дел мора да се издвои како решение и претходната промоцијата на мобилна апликација м-услуги која беше прикажана во експо делот од самитот. Имено мобилната апликација, поставена како дигитален паричник, ветува брз пристап до електронските услуги на државните институции.
Дигиталниот Самит на Западен Балкан се одвива во рамки на Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар и Планот за раст на ЕУ, и е финансиран од Европската унија. Организатор на седмото издание на Дигиталниот самит е Владата на Македонија и Советот за регионална соработка (СРС).