Денес, во просториите на Музејот на современа уметност во Скопјe, започна Дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025, чијашто крајна цел е забрзување на дигиталната трансформација на регионот. Настанот, кој се одржува од 1 до 2 октомври 2025 година, на едно место ги носи владите од регионот, деловната и академската заедница, како и меѓународните партнери.
Вештачка интелигенција, 5G и оптичка инфраструктура, дигитални вештини и пристап на регионалните компании до единствениот европски дигитален пазар, се дел од темите на кои ќе се дискутира на Дигиталниот самит.
Организиран на две сцени, главна и технолошка, WBDS 2025 се фокусира на три приоритетни области – Дигитален паричник: безбеден и лесен пристап до јавни и приватни услуги, Интероперабилност: поврзување на системи и регистри за овозможување на регионални е-услуги и Кибер безбедност: заштита на лични податоци и критична инфраструктура.
Се очекуваат повеќе од 800 учесници и говорници, меѓу кои високи претставници на економиите од Западен Балкан, Европската комисија, RCC, Меѓународната телекомуникациска унија (ITU), како и лидери од приватниот сектор.
Самитот има за цел да ги истакне и заедничките напори на засегнатите страни, поддржани од RCC, во истражување на следните чекори за намалување на цените за роаминг помеѓу Западен Балкан и ЕУ, со цел воспоставување на модел „роаминг како дома“.
По воведните обраќања на Гордана Клинчарова, државен секретар на Министерството за дигитална трансформација на Македонија, Јануш Чежински поранешен министер за дигитални работи на Полска и Валерија Јонан, советник на првиот вицепремиер за иновации, дигитални и глобални партнерства на Украина, денешниот ден започна со панел дискусија на која се разгледуваше улогата на EDIH во унапредувањето на дигиталната трансформација и иновациите на малите и средни претпријатија. Панелисти беа Димитар Ташковски директор на ИНОФЕИТ, Иван Павловиќ помошник директор во Технолошкиот парк во Ниш, Бесмир Красниќи од Паркот за иновации и обука во Призрен, Камар Аден Омар од ЕДИХ-ДО – Дортмунд и Ивлин Ѓата проектен менаџер од центарот за дигитални иновации во Тирана. Секој од нив даде мало претставување во кое акцент беше ставен н улогата на нивните организации во дигиталната трансформација на општеството, начините на кои таа се остварува, досега постигнатите резултати и насоките во кои треба да се работи понатаму.
Секако дигитална трансформација е невозможна без поддршка и формирање на соодветни кадри со соодветни дигитални вештини, па оттаму природно се постави и втората панел дискусија – Визија за работна сила подготвена за иднината во Западен Балкан Шест: Дигитални вештини и регионална конкурентност.
Денот беше заокружен со дискусија од областа на истражувањето и иновациите, при што претставници од регионалните играчи во истражувањето и иновациите дискутираа на тем: Мрежи за истражувачко образование (NREN).
Самитот за дигитализација на Западен Балкан е водечка регионална платформа за дигитална соработка, отпочната во април 2018 година. Првиот самит се одржа во Скопје на 18–19 април 2018, а WBDS оттогаш се организира секоја година во главните градови на Западен Балкан, обединувајќи влади, бизниси, академија и меѓународни партнери за споделување на знаења и забрзување на дигиталната трансформација – од укинувањето на роамингот во регионот до напредок во интероперабилноста, дигиталните вештини и е-услугите. WBDS е иницијатива што е дел од Дигиталната агенда во рамките на Акцискиот план за Заеднички регионален пазар (CRM) и е кофинансирана од Европската унија.