Квалитетот на воздухот што го дишеме е повеќе од актуелно прашање, не само во месец во кој се изнадишавме сeкаково ѓубре што беше ослободено во атмосферата од повеќе запалени депонии. Имено, врската помеѓу она што го дишеме и нашето здравје е директна и таа одново и одново се поткрепува со научни докази. Најново во низата – дишењето на високо загаден воздух видливо го влошува текот на Алцхајмеровата болест...
Дишењето високо загаден воздух, дури и во текот на само една година, видливо го влошува текот на Алцхајмеровата болест кај луѓе кои веќе се дијагностицирани со деменција. Фините честички присутни во смогот, кои можат да навлезат во крвотокот, ја забрзуваат акумулацијата на невротоксични протеини во мозокот и ги влошуваат типичните симптоми на болеста, како што е губењето на меморијата. Истражувањето објавено неодамна во JAMA Neurology ја разгледува улогата на загадувањето не само како зголемен ризик фактор кај деменцијата, туку и во влошувањето на Алцхајмеровата болест таму каде што таа е веќе присутна.
Иако личните избори на начин на живот од типот на исхрана, социјални односи, физичка активност и пушење, консумирање алкохол, можат да помогнат во спречување на деменцијата, важно е да се запомни дека некои фактори во животната средина, како дишењето чист воздух, не се наша индивидуална одговорност, туку се наше право.
Изложеноста на високо загаден воздух нè лишува од нашето право на здравје на многу начини. Кога е во прашање деменцијата, науката во повеќе наврати веќе укажала на врската помеѓу смогот и зголемениот ризик од развој на Алцхајмерова болест. Споменатата студија оди чекор понатаму, откривајќи дека пациентите со Алцхајмерова болест кои живеат во области со повисоки концентрации на фини честички, доживуваат и полош исход од болеста.
Научниците од Медицинскиот факултет Перелман при Универзитетот во Пенсилванија ги испитале податоците од мозокот на 602 пациенти со вообичаени форми на деменција или нарушувања во движење кои биле подложени на обдукција од 1999 до 2022 година и биле складирани во банка за ткива во Центарот за истражување на невродегенеративни болести на универзитетот. Користејќи сателитски податоци и станици за следење на квалитетот на воздухот, тие потоа се обиделе да ја дознаат количината на фини честички (PM 2,5) што ги вдишуваат пациентите во областите каде што живеат. За секое зголемување од еден микрограм на кубен метар PM 2,5, ризикот од позначајна акумулација на невротоксични протеини типични за Алцхајмеровата болест се зголемил за 19%.
PM2.5 се честички чијшто дијаметар е помал од 2,5 µm (микрометри – илјадити делови од милиметарот) кои се испуштени во атмосферата во големи количини како последица на активности на човек – патен сообраќај, греење на домот, индустриски активности, абење на гумите и сопирачките итн., но делумно потекнуваат и од природни феномени. Оваа прашина, која може да биде половина од дебелината на влакно од пајажина, е толку фина што продира во најдлабокиот дел од респираторниот тракт, филтрирајќи се оттаму во крвотокот и во клетките.
Авторите на студијата пронашле врска помеѓу изложеноста на оваа прашина и количината на бета-амилоидни наслаги (плаки) што ја нарушуваат невронската комуникација кај Алцхајмеровата болест и неврофибриларните заплеткувања на тау протеинот, други обележја на Алцхајмеровата болест што се формираат во нервните клетки.
Анализата на медицинските картони на пациентите потврди дека оние кои живееле во најзагадените области и кои имале полоши невролошки симптоми, имале и потешки симптоми: побрз когнитивен пад и побрза прогресија на губење на меморијата, јазични проблеми и губење на способноста за проценка и независност, во споредба со луѓето кои живееле во области со пониски концентрации на смог.
Студијата ја истакнува важноста на факторот животна средина во нашето здравје. Дури и само една година принуден контакт со ограничени нивоа на фини честички може значително да влијае на квалитетот на животот на оние кои веќе се справуваат со Алцхајмерова болест. Каде сме ние во равенката?